И покрај тоа што Шар Планина е прогласена за nационален парк, бесправната сеча на шумата и понатаму е присутна. На удар на дрвокрадците посебно се реоните кои се во зоната на строга и во зоната на одржлива заштита бидејќи таму се наоѓаат најквалитетните шуми. Сепак, со активна работа на ренџерската служба на националниот парк и на тетовската полиција се настојува, колку што е можно, да се спречи енормното уништување на шумата на Шар Планина.
Вчера тетовската полиција привела двајца дрвокрадци кои во атарот на селото Бродец исекле дури 200 букови стебла. Тие се приведени и против нив СВР Тетово ќе поднесе соодветна пријава.
„Полициски службеници на СВР Тетово вчера во 15 часот и 30 минути ги лишиле од слобода М. Р. (60) и З. И. (58), двајцата од Шипковица. Тие биле затекнати во месноста Студена Река, атар на тетовското село Бродец, како со моторни пили бесправно сечат букови стебла. Извршен е увид и било утврдено дека на местото биле пресечени околу 200 стебла. По целосно документирање на случајот, против двајцата ќе следуваат соодветни поднесоци“, кажаа од СВР Тетово.
Од Националниот парк Шар Планина најавуваат дека наскоро ќе презентираат податоци за тоа колкави штети досега се направени од страна на дрвокрадците.
З. АНДОНОВ