САД СО ПАДОБРАНИ ПУШТИ ХРАНА И ПОМОШ ВО ГАЗА

    САД СО ПАДОБРАНИ ПУШТИ ХРАНА И ПОМОШ ВО ГАЗАИзраелските сили убија над 100 луѓе кои се обидувале да стигнат до конвојот за помош во близина на градот Газа изутрината во четвртокот. (Фото: АП)

    Војската на САД денеска ја пушти со падобрани првата хуманитарна помош во Газа, соопштија американските официјални лица, а хуманитарните агенции предупредија на растечка хуманитарна катастрофа во палестинската енклава додека Израел продолжува со својата офанзива. Три авиони „ц-130“ испорачаа повеќе од 35.000 оброци на територија каде што Обединетите нации велат дека една четвртина од населението е на раб на глад, а Палестинците објавија видеа на социјалните мрежи на кои се гледа како се фрлаат кутии со помош.

    Белата куќа соопшти дека пуштањето помош од воздуџ ќе бидат постојано и дека Израел ја поддржува операцијата.

    Американскиот претседател Џо Бајден вчера објави дека САД планира од воени авиони со падобрани да исфрли храна и помош во Газа, еден ден откако загинувањето на Палестинците кои чекаа помош ја стави во центарот на вниманието хуманитарната катастрофа што се развива во пренаселената енклава. Бајден рече дека пуштањето на помошта ќе се случи во наредните денови, но не понуди дополнителни детали. Други земји, меѓу  кои и Јордан и Франција, веќе извршија воздушни фрлања на помош во Газа.

    „Треба да направиме повеќе, а САД ќе направат повеќе“, рече Бајден, додавајќи дека „помошта што влегува во Газа не е ни приближно доволна“. Бајден кажа дека САД ја разгледуваат и можноста за поморски коридор за испорака на големи количини помош во Газа.

    Најмалку 576.000 луѓе во Појасот Газа – една четвртина од населението на енклавата – се на раб на глад, според Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања.

    Здравствените власти во Газа соопштија дека израелските сили убија повеќе од 100 луѓе кои се обидувале да стигнат до конвојот за помош во близина на градот Газа изутрината во четвртокот. Палестинците се соочуваат со сè поочајна ситуација речиси пет месеци по војната што започна со нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира