Завршена е санацијата на пругата од Велес до Скопје, која започна минатото лето, откако лани на 21 март беше констатирано дека на делницата Велес-станица Рајко Жинзифов има сериозни оштетувања. Екипи на Службата за одржување на пругите (ЗОП) ги завршиле работите.
„Сектор ЗОП Скопје во изминатиот период работеше на замена на дрвени колосечни прагови и шини на делот меѓу станиците Рајко Жинзифов и Велес. Замената е завршена и брзината од 20 км/час е зголемена на 50 км/час“, соопштија од МЖ Инфраструктура.
Тогашниот директор на МЖ Инфраструктура, Хари Локвенец, кажа дека мерењата покажале дека пругата на делницата Велес-Рајко Жинзифов е во лоша состојба и потребна е нејзина рехабилитација.
Сектор ЗОП Скопје во изминатиот период работел и на замена на дрвени прагови на делот меѓу станиците Јане Сандански и Зелениково и прооден колосек во станицата Зелениково. Работите биле завршени, по што брзината на возовите од 20 км/час е зголемена на 50 км/час.
Исто така, во изминатиот период се работело на замена на дрвени прагови во станицата Кадина Река на втор колосек, кој досега беше затворен за сообраќај. Истиот е пуштен за сообраќај, со што се овозможува вкрстување на возови и зголемување на протокот на железничкиот сообраќај.
П. ПЕЧКОВ