ГРЕКО БАРА ДЛАБОКО ИСПИТУВАЊЕ НА ИМОТИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ, ОБВИНИТЕЛИТЕ И СУДИИТЕ

    ГРЕКО БАРА ДЛАБОКО ИСПИТУВАЊЕ НА ИМОТИТЕ НА ПРАТЕНИЦИТЕ, ОБВИНИТЕЛИТЕ И СУДИИТЕДржавата не обезбедува механизми продлабочено да испита несразмерното зголемување на имотот кај судии, обвинители и пратеници, вели Групата држави против корупција (ГРЕКО). - Новиот состав на Антикорупциската комисија (Фото: СДК.МК)

    ГРЕКО – Групата држави против корупцијата во Советот на Европа, во најновиот извештај за Македонија за спречувањето корупција кај пратеници, судии и обвинители, оценува дека земјата бележи  напредок во имплементацијата на препораките упатени до неа со претходниот извештај.

    Нотира дека не само што санкциите и дисциплинските мерки за несовесните судии од 2019 година наваму се пропишани во јасен и прецизен закон, туку и дека Антикорупциската комисија (ДКСК) според она што скромно ѝ го дозволуваат законите, ги истражува судиите во однос на имотната состојба. Сепак, останува забелешката дека кај сите три категории ДКСК има ограничени можности да копа подлабоко во нивната имотна состојба.

    Проблем се обвинителите, чии казни за нестручно и несовесно работење не само што се ретки, туку во законот и се стеснуваат. (Државата ветила дека ќе се менува Законот за јавно обвинителство во врска со дисциплинските мерки и санкциите за несовесните обвинители).

    Не се нотира дека ДКСК испитувала имотна состојба кај сомнителни обвинители за несразмерно зголемен имот.

    Од 19-те препораки, една е неисполнета, а се провлекува во сите извештаи. Тоа е членството на министерот за правда во Судскиот совет. Иако министерот е член по функција и нема право на глас, ГРЕКО бара тој да се тргне целосно од Советот, за кое треба да се менува Уставот. ГРЕКО смета дека сè уште со тоа се дава простор министерот за правда политички да влијае во изборот и во разрешувањето на судии, но се чини дека тука е прегазена од времето.

    По поранешните министри Михајло Маневски и Блерим Беџети, кои тогаш имаа право на глас, и на седниците на Судскиот совет се мешаа во секој избор и разрешување на судии, нивните следбеници: Рената Дескоска, Бојан Маричиќ, Никола Тупанчески и сегашниот, Кренар Лога, речиси и да немаат стапнато во Советот. Не добиваа ни материјали, поради тоа што воопшто не доаѓаа на седници.

    И да е имплементирана оваа препорака на ГРЕКО, во пракса не би се сменило ништо, бидејќи за тоа кој судија да биде избран, унапреден или спасен од очигледни повреди на законот и на кодексот, нарачки не доаѓаат од министерот, туку од врвот на владејачките партии. Најтесното раководство на партиите раководи со Судскиот совет, преку свое „мнозинство“ од група членови во Советот, нивни послушници, а неодамна едно такво мнозинство направи таму пуч и незаконски ја смени претседателката.

    Овој е всушност вториот адендум (додаток) на Вториот извештај за усогласеност, кој ги оценува мерките што ги преземаат македонските власти за спроведување на препораките дадени во Извештајот за евалуација за четвртиот круг на евалуација на државата, којшто се однесува на Спречување корупција кај пратениците, судиите и обвинителите.

    Четиринаесет од деветнаесет препораки се имплементирани во задоволителна мера или по нив е постапено на задоволителен начин, четири препораки се делумно имплементирани, а една препорака (таа за министерот за правда во Судскиот совет), не е имплементирана.

    ГРЕКО препорача да се развијат правила и стандарди за обвинителите во однос на прифаќањето на подароци, гостољубивоста и други предности и да се врши соодветен надзор над примената на овие правила. ГРЕКО оцени дека оваа препорака е делумно имплементирана. Ги поздрави подобрувањата во однос на регулирањето подароци, но забележа дека концептот „гостопримство“ не е експлицитно опфатен во Кодексот. Освен тоа, различните правила поврзани со подароци, настрана од правилата опфатени во Етичкиот кодекс на обвинители, смета дека беше потребно да се усогласат (на пример, во однос на важечкиот праг за прифатливи протоколарни подароци).

    Нашите власти одговориле дека во членот 7 од Етичкиот кодекс на јавните обвинители се дефинира поимот „нематеријална корист“, кој го вклучува и поимот „гостопримство“ во смисла во којашто ГРЕКО изискува да се дефинира: „Под нематеријална корист се подразбира секоја корист за јавниот обвинител или нему блиско лице, која не се обезбедува со плаќање, со цел да делува или да се воздржува од делување во согласност со своите обврски или да ги врши неговите надлежности спротивно на службените обврски и одредбите од овој Кодекс. Нематеријалната корист, исто така подразбира попуст во цени и услуги поради функцијата на јавниот обвинител, како и бесплатен професионален совет на јавниот обвинител“.

    За да се обезбеди јасност во врска со ова прашање, на 8 ноември 2023 година Советот на јавни обвинители усвои амандмани на Етичкиот кодекс на јавните обвинители исклучиво за да се наведе поимот „гостопримство“ во членот 7.

    „Што се однесува на усогласувањето на различните правила поврзани со подароци, властите се повикуваат на новиот ‘Правилник за примање и располагање и евиденција за примени подароци на јавните обвинители при протоколарни настани’, усвоен на 5 септември 2023 година, со којшто се усогласуваат различните правила за подароци за обвинители. ГРЕКО го зема предвид појаснувањето дадено од страна на властите дека под поимот ‘подароци’ се вклучува и гостопримство. Исто така, различните правила за подароци за обвинители, согласно содржината на различни текстови, сега се целосно усогласени во новиот ‘Правилник за примање и располагање и евиденција за примени подароци на јавните обвинители при протоколарни настани’ “, се наведува во Извештајот.

    Во однос на пратениците, властите се повикуваат на напредокот во однос на рационализирањето на Кодексот за етичко однесување на пратениците, како и на развојот на програмата за обука на пратениците за примена на Кодексот и обуката за обучувачи заради идно подигање на свесноста за стандардите поврзани со етика и интегритет.  Сѐ уште се работи на други промени. Ќе се обрне особено внимание на доверливото советување и менторство во идниот нов собраниски Деловник, а интерните правила за Законот за лобирање се во подготовка во рамки на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања на Собранието.

    ГРЕКО изразува жалење што нема подобрување во поглед на системот на санкционирање на пратеници предвиден со Законот за спречување на корупција и судир на интереси.

    Групата земји против корупцијата не е задоволна од површното испитување на имотната состојба на пратениците, судиите и обвинителите пријавена во анкетните листови, по пријава од свиркачи, самоиницијативно од Антикорупциската комисија или според нејзиниот годишен план за работа. Препорачува да се воспостават соодветни правни, институционални и оперативни мерки кои ќе обезбедат попродлабочено испитување на изјавите за интереси и анкетните листови, поднесени од страна на членовите на Собранието, судиите и обвинителите.

    Во Адендумот на Вториот извештај за усогласеност, ГРЕКО оцени дека оваа препорака е делумно имплементирана. Ги зеде предвид податоците обезбедени за надзорот којшто го врши ДКСК врз содржината на анкетните листови доставени од страна на пратениците, судиите и обвинителите, кои патем укажуваат на големо ниво на усогласеност.

    „Сепак, длабинска проверка од страна на ДКСК е предвидена само за анкетните листови на ограничен број судии и обвинители. Најголемиот дел повреди беа утврдени само на чисто процедурална основа, а не со длабинска проверка. Информациите во врска со попродлабочена проверка на изјавите за интереси беа обезбедени само за дел од пратениците“, стои во Извештајот, со забелешка:

    „Нема санкциониран пратеник за неусогласеност за имотната состојба со анкетниот лист“.

    Властите на ГРЕКО ѝ посочиле дека ДКСК се обратила до Управата за финансиска полиција заради вршење финансиски проверки кои се во нејзина надлежност (финансиски трансакции, банкарски сметки итн.) за пет судии. ДКСК била информирана дека не бил утврден непропорционално зголемен имот за три од петте судии поради што постапката била запрена, додека постапката е сѐ уште во тек за другите два предмета.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира