Седумдесет и осум отсто од докторите во Македонија пријавиле дека биле изложени на некаков вид насилство на работното место, во анкета спроведена од Лекарската комора пред две години. Од нив, 80 отсто биле изложени на вербално насилство, додека 6.8 проценти доживеале физичко насилство. Речиси 70 отсто од нападите воопшто не се пријавени.
Од Лекарската комора во чест на 12 март, Европскиот ден за подигнување на свеста против насилството врз здравствените работници, велат дека насилството врз здравствени работници добива на интензитет, а за негово сузбивање се потребни системски решенија.
„Лекарската комора го смета за неприфатлив секој облик на насилство врз лекарите и другите здравствени работници, без оглед дали се работи за физичко или вербално насилство и без оглед од кого или од каде доаѓа. Сите треба да инсистираме на нула толеранција кон секаков вид на агресивно или насилно однесување и без исклучок треба да го пријавуваме. Неопходно е лекарите да се чувствуваат безбедно на своето работно место за да можат непречено да ги лекуваат пациентите. Лекарите и пациентите се дел од иста целина и само со меѓусебно почитување и градење на доверба може да дојдат до заедничката цел, излекување“, вели проф. д-р Калина Гривчева Старделова, претседателка на Лекарска комора.
На иницијатива и залагање на Лекарската комора во 2023 се направени измени на Кривичниот законик со што насилството врз здравствените работници е насилство спрема службени лица и претставува кривично дело. Со тоа делата како употреба на сила, сериозни закани, навреда, малтретирање, задавање телесни повреди или закана со употреба на оружје кон лекар при вршење на професионалните работни задачи се кривични дела за кои е предвидена казна затвор.
Комората апелира лекарите насилните инциденти да ги пријават во полиција, а потоа информација да достават и во Комора. Комората ги прибира овие податоци за да може да го следи постапувањето на надлежните институции, но и да се предлагаат мерки и политики за надминување на проблемот.
За анкетата на Комората, министерот за здравство Илир Демири, вели дека податоците се фрапантни, што покажува во какво општество живееме.
„Во општеството мора да има нула толеранција за насилство врз здравствени работници, затоа што насилството врз лекарите претставува и закана за грижата за пациентите“, вели Демири.