Народот го нарекува Картон Маало, а институциите Петочна Вода, иако за иронијата да биде поголема таму нема ни водовод, ни канализација. Големите тараби дигнати на регионалниот пат над Битола само ја кријат срамната слика за оваа дива ромска населба. Зад нив, 29 семејства мизеруваат без елементарни услови за живот.
„Им требаме на партиите само за избори. Трчаат по нас за гласање, а потоа ќе ги снема. Сѐ ни ветувале, а ние сѐ уште сме во мизерија. Некои не можат ни лични документи да извадат зашто живеат во диви градби, немаат имотен лист, сите се водат на иста адреса. Ова не се куќи туку кошари. Ги направивме од картони, ламарини, пластики, отпад. Доволно е ветер да дувне и да го однесе покривот. Немаме ни асфалт, ниту приод за службите ѓубрето да го кренат. Живееме во смет“, вели Мемед Ибраимовски, жител на населбата.
На битолски Баир има околу 817 домаќинства со околу 3.000 жители, а само 15 проценти од нив имаат своја адреса на живеење.
Според студијата на случај спороведена од Фондацијата „Пред Плус“ во 2020 година, дури 114 жители таму живеат без пристап до вода за пиење, тоалет, канализација и асфалтен пат.
„Податоците се запрепастувачки во негативна смисла. Дури 29 домаќинства или 114 жители живеат во субстандардни услови. Ниту едно дете до 6 години не посетува градинка, само 30 отсто од жителите ги праќаат децата во основно училиште, 91 лице се без образование и само едно од домаќинствата има вработен член. Сите, освен едно домаќинство, живеат со приход до 12.000 денари“, вели Лидија Ангелкова од „Преда плус“, невладина организација која спроведува ново истражување во ромската населба и наскоро ќе објави нови податоци.
Проблемот со дивата ромска населба во Битола трае скоро три децении. Општина Штип сличен ваков проблем се обидува да реши преку изградба на социјална населба со типизирани куќи која веќе ја внесе во Генералниот урбанистички план (ГУП) донесен пред повеќе од едена година.
„Голем предизвик беше да се решава ова прашање со оглед на тоа дека ромската населба е на периферијата на општината и немаше Детален урбанистички план (ДУП). Првично се донесе ДУП со кој се опфатија 30 хектари покриеност каде живее 90 проценти од ромското население. На 31.12 2022 година го донесовме и ГУП во кој се предвиде населбата каде ќе згрижиме вкупно 41 ромско семејство кои се на самата перцела. Земјиштето беше на РСМ, пред една недела го добивме од Владата на трајно користење. Очекуваме деновиве да ја добиеме градежната дозвола и ќе почнеме со објавувањето на тендерите за изградба на куќите за ромските семејстава“, вели Ерол Адемов, виш референт за односи со заедниците од Општина Штип.
За тоа колку ваквиот приод е применлив во Битола, одговор побаравме од експертите вклучени во проектот „Биар – Здружена акција за вклучување на Ромите“ финансиран од ЕУ, а спроведен од ЦОСВ (COSV), Фондацијата Преда плус и Општина Битола. Преку него се прават сериозни обиди да се подобри социјалното домување во целата населба Баир, во чии рамки е и Петочна Вода. Вложени се и 200.000 евра за изработка на урбанистичка документација на 12 влезни студии, предлуслов за изработка на ГУП за Битола кој не е обновен 26 години. Во завршна фаза е изработката на три детални урбанистички планови за Баир за површина од 30 хектари, што значи опфат на населбата во урбанистички рамки за првпат по 25 години.
Анастасија Трајковска, експертка за урбанизација, вели дека е предизвик да се најде простор на Баир, која е многу густо населена, за да се направи социјална населба за 114 жители од Петочна Вода кои се изјасниле дека прифаќаат да се пресеалат на место со подобри услови за живот.
„Тука станбените блокови имаат најголем број станбени единици во градот и најголем број жители по површина. Со урбанистичката документација прво ќе бидат опфатени најгусто населените три блока, а потоа преку друг проект или со синхронизирана постапка на Општината да се продолжи со донесување на детални планови за целата населба. Многу е мала површината за домување по жител во оваа населба, а процентот на изграденост е доста висок. Ние на оваа територија немаме многу можности и слободно земјиште да можеме да организираме парцели за индивидулчано домување кои ќе можат да бидат купени или достапни за да се изградат индивидуални домови без ралика дали со субенции, поволни кредити, помош на национално и локално ниво. Нема површина слободна за градба за овде да се предвиди некој вид на социјална населба. Па можеме да зборуваме само за подобрување на условите за живеење онака како што е структурирана населбата“, вели Трајковска.
Во таа насока, преку проектот „Баир – здружена акција за вклучување на Ромите“ се реновираа 26 објекти со ставање ПВЦ дограма, фасади и интервенции во покривот. Беа вложени 150.000 евра, а условот беше објектите да се легализирани. Подобрените услови за домување сега ги чувствуваат 105 баирчани.
„На терен видовме дека постојат легализирани објекти, но постојат и голем дел парцијално легализирани објекти. Кога сакавме да реновираме наидовме на многу предизвици. Постојат и градби кои иако се легализирани, не се стабилни и безбедни. За да имаме адекватно домување треба да имаме легализирани објекти кои ќе имаат контрола врз квалитетот на користениот материјал и квалитетот на изградба“, вели Климетина Ѓорѓиоска, проектна менаџерка на „Баир – Здружена акција на Битола за вклучување Ромите“.
Во моментов нема Закон за легализација, а постојат многу апликации поднесени за време на претходниот кои не се комплетни, недостасуваат геодетски елаборати и процесот не може да продолжи. Неопоходно систематско решавање на проблемот, зашто во спротивно ќе продолжи ширењето на неурбанизираната населба, а дивоградбите ќе ги проголтаат околните ридови кои некогаш служеа за рекреација, а беа и едно белодробно крило на Битола.
Ж. ЗДРАВКОВСКА