Какво време дојде лудо, луѓето станаa чудо, по неколку лица носат и сè пред себе косат. Ова е пораката што со маската „Лицемерие“ ќе ја упатат членовите на карневалската мрежа „Мулен руж“ од Струмица. Тие цел месец ја подготвуваат маската со која в сабота, 16 март, ќе се претстават на големото карневалско дефиле по струмичките улици. Жените се задолжени за костимите, мажите за возилото на кое ќе има џин со неколку лица.
„Идејата е од секојдневието што нè опкружува, а тое е лицемерието. Одлучивме да направиме нешто модерно. Сите ние ќе бидеме облечени во блескави костими со пердуви, длабоки деколтеа и разголени нозе, нешто налик на костимите на учесниците на бразилскиот карневал во Рио, а паралелно ќе носиме и по неколку лица. Мажите ќе бидат во костими со огледало за да видиме колку сме лицемерни“, вели Анита Станковска, членка на „Мулен руж“.
Вкупно 22 членови ќе настапат во маската „Лицемерие“, од нив 12 се жени кои изминатиов месец секој ден од 17 до 22 часот се собираа во стан во Струмица и ја работеа маската. Едни кроеа, други шиеја, трети лепеа украси и пердуви. Сите имаа свои задачи кој и што да работи, за да бидат впечатливи на карневалското дефиле кое ќе трае околу четири часа на 16 март.
„Не можам да го опишам чувството кога си на големото карневалско дефиле. Сите сакаат да се фотографираат со нас. Јас сум велешанка, мажена овде и од 2000 година секоја година се маскирам. Преку маските го кажуваме тоа што во реалноста не можеме да бидеме. Идеите доаѓаат од интернет, но како група разговараме и одлучуваме каква да биде нашата маска. Годинава идејата дојде со пораката доста е лицемерие, имајќи предвид дека треба да бидеме реални, да се почитуваме и да не сееме негативност, односно да го вратиме човекот со вистинското лице“, кажа Станковска.
Додава дека иднината на Струмичкиот карневал зависи од младите, за што повозрасните ќе мора да ги ангажираат постепено. Прво да ги носат костимите, а потоа и да ги изработуваат оти еднаш во маска секогаш ќе сакаш да бидеш под маска на Струмичкиот карневал.
На пет километри од станот каде се кројат костимите, мажите од групата „Мулен руж“ се собрани во хангар. Тие се задолжени за возилото кое ќе биде дел од маската. Таму се работи на човечка фигура која наликува на Аватар, а во рацете носи две лица. Едното се смее, другото плаче. Тие ќе кружат маскирани како огледала за да се погледне секој прво себеси.
„Ова фигура е изработена од метална конструкција, сунгер, стиропор и текстил. Носи две лица. Секој е маскиран и не го знаеме вистинското лице, независно дали е карневал или не. Во ова време сите ние го криеме на некој начин вистинското лице“, кажа Митко Тошев.
Со маската како што кажаа сите членови на „Мулен руж“ ќе се обидат да допрат до секого за искреност, но и да се разбуди емпатијата.
Струмичкиот карневал започнува вечерва со предавањето на клучот на градот на карневалистите и изложбата на маски на училиштето „Јане Сандански“. В четврток ќе биде концертот под маски на музичкото училиште „Боро Џони“, како и 30 години од приемот на Струмица во Асоцијацијата на европските карневалски градови. В петок се маскенбалите, а големото карневалско дефиле е в сабота кога ке настапат 47 карневалски групи од кои 20 ќе бидат од Србија, Црна Гора, Хрватска, Бугарија, Грција и Босна и Херцеговина.
В. ТРАЈКОВ