На скопскиот Клинички центар вчера беше изведена мултиорганска трансплантација на органи. Еден пациент доби срце, друг доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Клиниката за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива, соопшти Министерството за здравство.
„По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно нѐ потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку 4 животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје“, вели министерот Илир Демири.
Од 2020 година досега трансплантирани се 11 срца, 4 црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива.
„Тоа се 77 органи што значат живот“, вели министерот.