Децата кои во последните 6 месеци се вакцинирани со трета доза ДиТеПер може да одат во градинка, одлучи Комисијата за заразни болести. Притоа тие треба во рок од 6 месеци откако ја примиле третата доза да се ревакцинираат.
„Заради епидемијата го кратиме времето за примање на ревакцината од една година на 6 месеци. Состојбата не е добра, не е стабилна, а во оваа состојба сме се довеле поради многу години наназад неодговорно однесување на многу граѓани. Оној податок од 50 проценти вакцинирани деца е поразителен податок за државата и тука мораме многу да работи. Во Скопје имаме 170 случаи на голема кашлица, а во државата се вкупни 200 и тој број ќе расте во наредниот период. Можно е наредниот период да излеземе со построги епидемиолошки мерки зависи од развојот на ситуацијата“, кажа претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.
Претседателката на Националниот комитет за имунизација проф. д-р Александра Грозданова кажа дека ваквата одлука е донесена бидејќи проценето е дека детето вакцинирано со три дози во последните шест месеци ќе биде оптимално заштитено за да посетува градинка со напомена дека ревакцина мора за 6 месеци.
„Иминунолошкиот аспект за заштита на детето ќе биде целосен ако ја примило третата доза и задолжително се прими ревакцина за 6 месеци“, кажа Грозданова.
Од Комисијата за заразни болести ќе апелираат до градинките да вршат поинтензивна проверката на вакциналните картони и притоа да биде вклучена и проверката за МРП вакцината за да не ни се случат две епидемии истовремено. Велат дека децата можат во ист ден да примат и ДиТеПер и МРП вакцина.
„Комитетот за имунизација до вакциналните тимови и официјално испрати препорака детето кои прима вакцина ДиТеПер на 18 месеци, заедно да се прими и МРП вакцина. И веќе тоа се прави во вакциналните пунктови. Треба да им се објасни на родителите дека не постои проблем двете вакцини да се примат во ист ден“, рече Грозданова.
А. АНТЕВСКА