Под мотото „ФИНКИ нема зграда, учиме пред Влада“, студентите и раководството на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) денеска протестираа пред Владата затоа што немаат свои простории. Студентите поставија импровизирана училница за да привлечат внимание, оти зградата која почна да се гради пред 8 години сè уште не е готова.
Студентите од Владата побараа да донесе одлука за времено или трајно користење на објектот на Бирото за развој на образование (БРО) оти сега поголем дел од наставата ја следат онлајн, а само мал дел од часовите се одржуваат во бараките на Факултетот за електротехника и информациски технологии.
Од Бирото за развој на образование на ова барање на ФИНКИ одговорија дека нема шанса да се преселат од нивните простории.
„И покрај тоа што Управата за имотно-правни работи при Министерството за финансии, како и Агенцијата за катастар на недвижности дадоа негативни мислења на нивното барање и се во прилог на задржување на просториите од страна на Бирото за развој на образованието, ФИНКИ продолжува решението на сопствениот проблем да го бара во ‘преселување’ на друга институција, наместо да ги ‘притиска’ надлежните институции да им се доизгради започнатиот објект во Универзитетскиот кампус (или оној објект, исто така, наменет за нив, во кампусот на ПМФ) и трајно да го реши просторниот проблем“, се вели во соопштението на Бирото за развој.
Неколку часа по протесто, Владата соопшти дека преку Министерството за образование и наука, е во континуирана комуникација со раководството на ФИНКИ и оти се во тек „активности за изнаоѓање времено решение во врска со обезбедувањето соодветен простор за спроведување на наставата на Факултетот, како и реализација на трајното решение“.
„Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи, во соработка со Факултетот и во конкретен рок од три месеци, да разгледа алтернативни решенија, до реализацијата на трајното решение. Воедно, Владата информира дека е одлучна да обезбеди достоинствени услови за настава на студентите на ФИНКИ во предвидениот нов современ објект кој започна да се гради во 2015 година и активно работи на надминување на проблемот што се појави поради стечај на фирмата-изведувач на градежните работи. Се очекуваат извештаите од ревизијата на проектот и проценката на извршените активности од договорот коишто се во надлежност на релевантни органи, по што веднаш ќе се пристапи кон избор на нов изведувач“, соопшти Владата.
Изградбата на зградите на ФИНКИ и Факулетот за физичка култура почна почна пред 8 години кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ. Според проектот, требаше да бидат со барокна фасада и во нив да се преселат студентите на овие два факултети. Но, по доаѓањето на власт на СДСМ, фирмата изведувач „Бетон Штип“ отиде во стечај и зградите останаа да стојат недоградени во фаза на карабина.
Во цел мандат на владата на СДСМ и ДУИ не се почна со доградба на објектите. Од Министерството за образование постојано одговараат дека се врши ревидирање на проектите.
А. АНТЕВСКА