Свен-Горан Ериксон изјави дека го имал еден од најубавите денови во својот живот откако му се исполни животниот сон да биде тренер на Ливерпул, макар и на еден ден.
Поранешниот селектор на Англија во јануари објави дека боледува од рак и дека му останува најмногу една година живот. Откако потоа изјави дека никогаш нема да му се исполни желбата да биде тренер на „црвените“, Јирген Клоп лично го покани на „Енфилд“.
Седумдесет и шестгодишниот Ериксон го водеше тимот на легендите на Ливерпул на хуманитарен натпревар против легендите на Ајакс и победи со 4:2. Тој изгледаше пресреќно кога излезе на тревникот, при што го окружија камерите и беше топло поздравен од 60.000 гледачи. Тој призна и дека малку заплакал кога ја слушнал химната на Ливерпул.
„Беше фантастично. Ова е нешто што се памети“, кажа Ериксон.
Во текот на својата богата кариера, Ериксон работеше и на островот, при што беше тренер на Манчестер сити, а од 2001 до 2006 и првиот небритански селектор на Англија.
„Татко ми сѐ уште е жив и сѐ уште навива за Ливерпул. И јас секогаш сум бил навивач на Ливерпул. Секогаш сум сакал да бидам тренер на Ливерпул, но тоа со сигурност нема да се случи“, изјави Ериксон во интервјуто за „Скај“ во јануари.