На социјалните мрежи вчера се појави видео на кое се гледа како куче паѓа од висока зграда во Тетово. Првите реакции беа дека некој го фрлил кучето од зградата, што предизвика реакции кај граѓаните, а посебно кај љубителите на домашни миленици. Се јавија и здруженијата за заштита на домашните животни кои настанот го осудија како вандалски и нечовечен.
Oткако беше испитан целиот случај, беше констатирано дека кучето само паднало од шестиот кат на зградата која е во изградба, додека тетовските пожарникари, кои биле повикани од инвеститорот на повеќекатница, се обидувале да го спасат кучето.
„Кучето се качило до седмиот кат, пожарникарите се труделе да го фатат и да го симнат долу. Бев во зградата, балконите не се доградени. Јас не верувам дека пожарникар може да направи такво нешто и да фрли куче од седми кат. Ако се докаже дека навистина пожарникар го фрлил, секако ќе се преземеме одговорност за таквиот случај. Ги замолувам и газдите кои градат објекти во Тетово, тие да бидат затворени за да немаме вакви случаи, да не се качуваат кучиња, па да одиме да интервенираме и после да излеземе криви дека намерно сме ги фрлале кучињата оттаму“, изјави Авни Амети, командир на Противпожарната единица на Тетово.
Пожарникарите не само од Тетово, туку и од другите градови често интервенираат за да спасат мачки качени на дрво, кучиња заглавени во градилишта или да отстрануваат змии од станови.
Случајот со кучето бил пријавен и во полиција, која излегла на местото и извршила увид.
„Секторот за внатрешни работи Тетово веднаш по пријавувањето ги презеде сите потребни мерки за расчистување на случајот со паднато куче скитник од шестиот кат на станбена зграда во изградба на улица Благоја Тоска во Тетово. Извршени се службени разговори со двајцата пожарникари кои биле повикани да го заловат кучето во објектот во кој работници изведувале градежни работи, како и со лицето пријавител и очевидец на падот на кучето. Притоа е утврдено дека не се точни шпекулациите дека наводно некој го турнал кучето. Местото на падот е фотодокументирано и по целосно комплетирање на сите службени материјали ќе биде изготвено писмено известување кое ќе се достави до јавен обвинител“, соопшти портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифовски.
З. АНДОНОВ