Претставници на седумтемина кандидати на трката за претседател на Македонија, денеска во ДИК со извлекување на имињата, го склопија редоследот на гласачкото ливче.
Претседателот Стево Пендаровски ќе биде прв на ливчето за првиот круг на 24 април, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова.
Трет според јавното извлекување во ДИК, е Стевчо Јакимовски од ГРОМ, градоначалник на Карпош, а четврт по ред е Бујар Османи, кандидатот на ДУИ.
Билјана Ванковска од Левица е на редниот број пет, а Арбен Таравари од Алијанса – Европскиот сојуз за промени, е шести.
Градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски, кандидат на партијата ЗНАМ, е последен на ливчето.
Пендаровски, Силјановска и Ванковска се професори, а Таравари и Османи лекари.
Економистот Јакимовски, правникот Димитриевски, како и Османи, на листата се со најдолг стаж како активни политичари.
С. К. ДЕЛЕВСКА