Чаби Алонсо, најбараниот тренер во Европа, планира да остане на клупата на Баер Леверкузен и следната сезона, што го очекуваат и двата клуба кои најмногу го посакуваат, Ливерпул и Баерн. Баер е на прагот на првата титула во Бундеслигата и е непоразен во сите натпреварувања оваа сезона.
Ливерпул е подготвен да се откаже од плановите за ангажирање на Алонсо, кој играше за клубот од 2004 до 2009 и да се сврти кон други опции, како Рубен Аморим од Спортинг Лисабон и Роберто де Церби од Брајтон.
И Баерн е во потрага по нов тренер, но неговиот почесен претседател Ули Хенес призна дека доведувањето на Алонсо ова лето е веројатно невозможно.
„Алонсо е повеќе склон да остане во Баер со оглед на нивните сегашни успеси и не би сакал да ги остави зад себе“, изјави Хенес.
Легендарниот шпански фудбалер ја почна тренерската кариера во младите селекции на Реал Мадрид и Реал Сосиедад, а првата голема шанса му ја даде Баер во октомври 2022, во моментите кога клубот беше претпоследен на табелата. Таа сезона Баер ја заврши на шестото место, а сега има десет бода повеќе од Баерн и уште може да ги освои германскиот куп и Лига Европа.