ДА НЕ СЕ ДОВЕДЕМЕ ВО СИТУАЦИЈА ДА УВЕЗУВАМЕ МЕДИЦИНСКИ КАДАР ОД ТРЕТИ ЗЕМЈИ, РЕКОА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ НА ПРОТЕСТ

    ДА НЕ СЕ ДОВЕДЕМЕ ВО СИТУАЦИЈА ДА УВЕЗУВАМЕ МЕДИЦИНСКИ КАДАР ОД ТРЕТИ ЗЕМЈИ, РЕКОА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ НА ПРОТЕСТПротестот беше организиран од синдикатите поради непотпишувањето на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се примени со мартовската плата. (Фото: К. Попов)

    Освен покачувањето на платите, мора да се стави акцент и на образованието, бидејќи во здравствените институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар поминат независно низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се вработуваат со решение за стално, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив и тоа не води никаде, рече денеска медицинската сестра Даница Стојкова на протестот на здравствените работници пред Министерството за здравство.

    Протестот беше организиран од синдикатите поради непотпишувањето на анексот на Колективниот договор за здравствена дејност кој требаше да се примени со мартовската плата и побараа веднаш по формирањето на новата влада да се потпише анексот на Колективниот договор.

    Според Стојкова, која е медицинска сестра на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), некогаш имало по четири сестри на еден доктор, а сега е обратно.

    „Валоризацијата на медицинските сестри и другиот персонал кој е вработен во медицинските установи малку повеќе да се разработи зашто навистина платите не стигнуваат. Ако на некој не му стигнуваат 4.000 евра за еден месец, за нив колку се 40 илјади денари за цело семејство за еден месец. Мора да се стави акцент и на образованието. Во овие здравствени институции влегува несоодветен, неспособен медицински кадар поминат независно низ некои филтри или ред други работи каде што и тие се вработуваат со решение за стално, а нивната работа ја извршуваат вработените кои се доста повозрасни од нив и тоа не води никаде. Тука треба покрај Министерството за здравство и другите институции да се запраша и образованието како се вади кадар, дали е тој кадар како некогаш способен да настапи во тие здравствени институции затоа што никој дојден како пациент не би сакал да биде прифатен од нестручни луѓе“, рече Стојкова.

    Според Предраг Серафимовски, претседател на Синдикатот на Клинички центар, Синдикатот се залага и за оние со договори на дело и за специјализантите со приватна специјализација уште од 2012.

    „За оние со договори на дело треба конечно да се изнајде начин, парите се обезбедени и треба да се вработат, бидејќи има луѓе со по 20 години договор на дело на клиниките, а не им тече ниту здравствено, ниту пензиско осигурување. Кај приватните специјализанти проблемот е многу посложен. Иако постои голем егзодус во нашето здравство, приватната специјализација не постои никаде на друго место во светот. Предлагаме луѓето да се вработат во клиниките, државата да им ги исплати специјализациите и да останат во јавното здравство за да помагаат на народот. Инаку, вака, приватен специјализант ќе си заврши специјализација со пет години и еден ден нема да има во јавно здравство, па ќе си оди или во странство како што го прават тоа и завршените доктори“, рече тој.

    Серафимовски додаде дека има максимален одлив на сите профили.

    „Крајно време е сите политички партии да си го стават прстот на чело. Го кажав тоа и вчера, знаеме дека има економски егзодус и од Англија одат медицински кадар во Австралија за поголеми плати и од Германија во Норвешка, во Шведска, меѓутоа немојте да се доведеме во состојба да се увезуваат здравствени работници и кадар од трети земји бидејќи од контактите што ги имаме со синдикатите од Словенија, од Хрватска смртноста кај нив е зголемена доста. Така што, мислам дека е крајно време, ова е последен апел да имаат чувство, сенс за здравството. Прво и основно е покачување на платите зашто се што нудат друго – градење болници, опрема се е тоа во ред, меѓутоа кој ќе работи во тие болници и кој ќе биде со таа опрема“, кажа Серафимовски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира