По повеќе италијански градови, Цирих, Белград и Тирана, мултимедијалната изложба за легендарниот фудбалер Паоло Роси (1956-2020) пристигна и во Скопје. Насловена „Паоло Роси – златното момче и легендите на фудбалот“, бесплатно ќе може да се види од денеска до 21 април во Мала станица и како што беше кажано на отворањето, таа им овозможува на посетителите да го доживеат животот на играчот кој ѝ ја донесе на Италија титулата на Светското првенство во 1982.
Изложбата содржи 500 експонати, не само поврзани со Роси, туку и со историјата на фудбалот воопшто. Така во еден дел се изложени дресовите на сите освојувачи на Златната топка и важни фудбалски трофеи, но и дресот што Лео Меси го носеше во финалето на последното Светско првенство во Катар.
„Сите сте слушнале за Паоло Роси, но дозволете да ви објаснам што значи тој за нас Италијанците. Тој е херој кој оди над зборот херој. Тој е златното момче зашто е единствениот кој во исто време ги освоил сите златни трофеи: Златна топка за најдобар европски фудбалер и Златна копачка за најдобар стрелец и Златна топка за најдобар играч на Светското првенство во 1982. Тој е и единствениот кој му дал три гола на Бразил на еден меч. За нас Италијанците, тоа се многу силни спомени“, изјави директорот на изложбата Карло Сберги.
Во отсуство на најавениот Тото Скилачи, специјален гостин на отворањето беше Џанлука Ѕамброта, уште една легенда на италијанскиот фудбал и светски првак од 2006.
„За мојата генерација од 2006 Паоло е пример како треба да се однесува еден играч на теренот и вон него. Низ оваа изложба се одржува жив спомен на него“, кажа Ѕамброта.
Вдовицата на Роси, Федерика Капелети, изјави дека е среќна што има можност да ја донесе изложбата во уште една, за неа нова земја.
„Многу сум возбудена што ја посетив Македонија, за која досега имав само слушано. Паоло Роси е одличен пример за позитивните принципи што сакаме да ги пренесеме, како пријателство помеѓу народите. Паоло беше пример за големите вредности и како играч и како човек“, рече Капелети.
Главен спонзор на изложбата е компанијата „Трим и Лум“, а се организира во соработка со Италијанската амбасада во Скопје, Италијанскиот институт за култура во Белград и ФФМ.
Г. КОНЕВ