Две лица се повредени откако денеска избувна пожар во Универзалната сала во Скопје, која се реконструира. Во пожарот, кој сега е локализиран, изгоре новата купола на салата, која беше поставена пред само десетина дена.
Две жени се однесени со Брза помош на Клиниката за токсикологија поради вдишување чад. Како што дознаваме, тие не настрадале во салата, туку се жителки на соседната зграда, на која што пукнале прозорци, по што внатре влегол чад.
Од Центарот за управување со кризи потврдија за САКАМДАКАЖАМ.МК дека се запалила куполата на салата и во моментов интервенира Пожарната бригада на Град Скопје. Засега не е позната причината за пожарот.
Новата купола беше ставена пред десет дена и тогаш беше најавено дека таа ќе свети ноќе. Градежните работи ги изведува фирмата „Универзал-Балкан“.
А. АНТЕВСКА