ЗА ДВА ДЕНА 5 ЛИЦА ВО СКОПЈЕ КАСНАТИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА, „ЛАЈКА“ ДЕНЕСКА ПРАВЕШЕ МАСКЕНБАЛ ЗА МИЛЕНИЦИ

    ЗА ДВА ДЕНА 5 ЛИЦА ВО СКОПЈЕ КАСНАТИ ОД УЛИЧНИ КУЧИЊА, „ЛАЈКА“ ДЕНЕСКА ПРАВЕШЕ МАСКЕНБАЛ ЗА МИЛЕНИЦИВо Скопје секој ден има каснати граѓани од улични кучиња. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За два дена, односно во петокот и во саботата, пет лица во Скопје се каснати од улични кучиња. Според билтенот на Министерството за внатрешни работи, во петокот се пријавени три каснувања, а вчера две лица поднеле пријава.

    Се избираше најдобро маскирано куче. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Во петокот во 21:30 часот, во полициската станица Центар, Н. Ј. (35) од Скопје пријавил дека на улица Орце Николов во Скопје бил каснат од куче скитник. Во 19:30 часот, во полициската станица Кисела Вода, Х. Ј. (18) од Скопје пријавила дека на улица Павел Шатев во Скопје била касната од куче скитник. Исто така, утрото во 8:30 часот пријава е поднесена и во полициската станица Карпош, од 20-годишната М. Б., која била касната на улица Никола Тесла“, стои во билтенот на МВР.

    Паркот беше полн со маскирани домашни миленици. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Вчера, пак, во 18 часот, во полициската станица Центар, В. Т. (35) од Скопје пријавил дека на улица Владимир Полежановски бил каснат од куче скитник, а во 15 часот, во полициската станица Аеродром, 61-годишната Р. Н. поднела пријава дека била нападната и касната од куче на улица 12. Македонска бригада.

    Додека во Скопје секој ден има каснати граѓани, ЈП „Лајка“ денеска организираше маскенбал за кучиња во Градски парк. Се избираше најдобро маскирано куче и се доделуваа награди.

    „Лајка“ даваше награди на најдобро маскираните кучиња. (Фото: Ѓ. Личовски)

    „Лајка“ е под надлежност на Град Скопје и добива пари од буџетот на Градот. Тие треба да се справуваат со уличните кучиња, со нивно заловување и кастрирање.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира