Медицинскиот директор на Клиниката за токсикологија, д-р Данил Петровски, денеска не добил решение за разрешување, како што вчера најави министерот за здравство Илир Демири, рече за САКАМДАКАЖАМ.МК д-р Петровски.
Изминатите денови со писмо, а вчера и со прес-конфереција, вработени од Клиниката како и доктори со долгодишно искуство реагираа дека eкономската директорка на Клиниката за токсикологија Бесија Иљази не дозволува да се вработат двајца дипломирани биолози и еден болничар, а упорно бутка да се вработат 18 лица на кои им истекоа договорите за дело на 31 декември 2023. Тие кажаа дека Иљази не знае македонски јазик и не може да се разберат со неа.
Демири вчера, после прес-конференциите на докторите од Токсикологија и на Иљази, рече дека пред три недели бил прашан од новинар за состојбата на Клиниката за токсикологија каде, како што му било кажано, 18 вработени не примиле плата четири месеци и дека во истата институција има за жал и навреди на национална основа.
„Просто не можев да поверувам, дури мислев и дека е провокација. Многу ми е жал, три недели ја испитав ситуацијата. За жал, констатацијата е вистината. Длабоко сум уверен дека луѓето кои ги користат ваквите испади и навреди не го мислат тоа. Навреди на национална основа. Не може доктор да мисли така и да се служи со таков речник. Ќе преземам сериозни мерки, директорот медицински денеска ќе го разрешам од позицијата, иако сме влезени во изборите. За економската директорка Бесија Иљази немам сознанија за прекршок“, рече министерот Демири.
Тој вчера најави дека испратил Трудов инспекторат и Државен санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да ги проверат наводи од писмото на вработените од Токсикологија.
Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновски ни рече дека извршиле вонрeден инспекциски надзор по добиена анонимна претставка од група на вработени на Токсикологија, поднесена поради незадоволство од работењето на клиниката во врска со статусот на здравствените работници и соработници, односно бесправно вклучување во работниот процес на вкупно 11 здравствени работници и соработници без никаков договор за вработување после 31.12.2023 и тоа 5 медицински сестри, 3 болничари, 1 лаборант и 2 биолози.
„Лицата со истечен договор на дело, по насоки на организацискиот директор, сѐ уште доаѓаат на работа во работна облека, но не им се даваат работни задачи од 01.04.2024. По насока од медицинскиот директор, вработените со истечен договор не се ставени на распоред за работа по оддел од 01.04.2024 и кажано им е дека се ослободени од обврски“, вели Младеновска.
Согласно извршениот вонреден инспекциски надзор, ДСЗИ донесе решение во кое се наведени 4 точки: здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници и здравствени соработници со важечки договори за вработување согласно закон, здравствени услуги на клиниката да се укажуваат од страна на здравствени работници со образование согласно закон, медицинскиот и организацискиот директор на клиниката да ги извршуваат непречено своите должности од самостојна и особено заедничка надлежност согласно закон. Управниот одбор на клиниката да одлучува во временски рокови согласно закон при непотпишување на акти од еден од двајцата директори кои се од заедничка надлежност на директорите.
Рок на извршување на наведените мерки е 5 дена од приемот на решението, а по истекот на рокот ДСЗИ ќе изврши контрола по решение на клиниката.
Вчера на прес-конферецијата, д-р Нико Беќаровски, раководител на Одделението за интензивна нега на Клиниката, за тие 18 лица на кои им се истечени договорите,кажа дека иако немаат никаква обврска, доаѓаат на работа, облекуваат мантили и доаѓаат и на визита.
- МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ЌЕ ГО РАЗРЕШИ МЕДИЦИНСКИОТ ДИРЕКТОР ПЕТРОВСКИ ОД ТОКСИКОЛОГИЈА, ЗА ЕКОНОМСКАТА ДИРЕКТОРКА ИЉАЗИ НЕМА СОЗНАНИЈА ЗА ПРЕКРШОК
- ДИРЕКТОРКАТА ИЉАЗИ УПОРНО САКА ДА ВРАБОТИ 18 ЛИЦА СО ИСТЕЧЕНИ ДОГОВОРИ ЗА ДЕЛО, НЕ МОЖЕМЕ ДА СЕ РАЗБЕРЕМЕ СО НЕА ОТИ НЕ ЗНАЕ МАКEДОНСКИ, РЕКОА ЛЕКАРИТЕ ОД ТОКСИКОЛОГИЈА
- ЕКОНОМСКАТА ДИРЕКТОРКА НА ТОКСИКОЛОГИЈА ИЉАЗИ ГО ЗГОЛЕМИ ДОЛГОТ НА КЛИНИКАТА, РАБОТИ ПО ЧЕТИРИ И ПОЛ ЧАСА, НЕ ПОТПИШУВА КЛУЧНИ ДОКУМЕНТИ И НЕ ЗНАЕ МАКЕДОНСКИ, РЕАГИРААТ ВРАБОТЕНИТЕ
Б. НЕСТОРОСКА