РЕЗУЛТАТОТ НЕ Е КАКОВ ШТО ОЧЕКУВАВ, НО НЕМА ПРЕДАВАЊЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИ

    РЕЗУЛТАТОТ НЕ Е КАКОВ ШТО ОЧЕКУВАВ, НО НЕМА ПРЕДАВАЊЕ, РЕЧЕ ПЕНДАРОВСКИНема предавање, не се чувствувам малодушно, одиме во втор круг, рече Пендаровски. (Фото: СДК.МК)

    Актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ на претседателските избори, кажа дека не очекувал волкава разлика во првиот круг, но најави дека нема предавање во вториот круг. Според првичните неофицијални резултати на Државната изборна комисија (ДИК) од првиот круг по 80 отсто преброени гласови, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Силјановска-Давкова освои 144.000 гласови повеќе од Пендаровски.

    Тој кажа дека денешните бројки се должат на тоа што имало 7 кандидати за претседател зошто гласовите се поделија на повеќе страни.

    „Од утре е нов ден тргаме од нула. Јас длабоко верувам во мојот концепт и од утре ќе продолжам да го промовирам и ги охрабрувам граѓаните на 8 мај да излезат во поголем број. Тој концепт на држава која не е изолирана, држава која е интегрирана во Европа и држава која внатре нема поделби по било која основа, е моето животно кредо, мојата политичка филозофија која ја застапувам не само овие 20 дена во кампањата, и не само овие пет години во претседателскиот мандат, туку откако паметам за себе. Нема предавање, не се чувствувам малодушно, одиме во втор круг“, рече Пендаровски.

    Тој кажа дека нема да ги бара гласовите од ниту еден од кандидатите кои не поминаа во вториот круг, туку од граѓаните како што го правел тоа досега.

    Според неофицијалните резултати од гласањето, во вториот круг на претседателските избори ќе одат Силјановска и Пендаровски, а ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира