Неодамнешен извештај за жени кои се заразиле со ХИВ додека примале козметички „вампирски“ третман на лицето го покрена прашањето за безбедноста на некои козметички процедури.
Најмалку три жени се заразиле во бања во Ново Мексико во 2018, објави Американскиот центар за контрола и спречување на болести (ЦДЦ), укажувајќи на нови начини на ширење на овој вирус. Ова се први документирани случаи на пренесување на ХИВ во САД поврзани со козметички третмани.
При „вампирски третман“ се вади крв на пациентот и потоа со помош на центрифуга од неа се одвојува плазма богата со тромбоцити. Плазмата потоа се вбризгува во лицето со игла.
Се вели дека оваа процедура помага да се поправи бариерата на кожата за да се стимулира производството на нов колаген и еластин, што може да ја намали појавата на брчки и лузни од акни. Третманот постои веќе некое време и чини меѓу 1.000 и 2.000 долари, а откако го проба во 2013, Ким Кардашијан изјави дека веќе не би го правела, опишувајќи го како груб и болен.
Во лето 2018, ЦДЦ дознал дека жена на возраст меѓу 40 и 50 години имала позитивен тест за ХИВ додека била во странство. Таа рекла дека не користела дроги, не ѝ правеле трансфузија на крв во последно време и имала сексуални односи само со својот партнер. Истовремено пријавила дека таа година била на „вампирски третман“ во бања во Ново Мексико.
ЦДЦ ја истражил бањата и открил дека не била лиценцирана и дека користела повеќе небезбедни методи и процедури на работа. Агенцијата во меѓувреме ја поврзала бањата со пет случаи на ХИВ, вклучувајќи три жени кои биле подложени на „вампирски третман“ меѓу мај и септември 2018. Бањата била затворена кон крајот на 2018, а 62-годишната сопственичка била осудена на три и пол години затвор.
Американското здружение на дерматолози вели дека овој третман може да има позитивни ефекти и е безбеден ако се спроведува правилно. Најголемиот ризик е како се ракува со крвта за време на третманот.