ХОЛАНДСКИОТ ПЕЈАЧ КЛАЈН Е ДИСКВАЛИФИКУВАН ОД ЕВРОВИЗИЈА ПОРАДИ „ЗАКАНУВАЧКО ДВИЖЕЊЕ КОН КАМЕРАТА“

    ХОЛАНДСКИОТ ПЕЈАЧ КЛАЈН Е ДИСКВАЛИФИКУВАН ОД ЕВРОВИЗИЈА ПОРАДИ „ЗАКАНУВАЧКО ДВИЖЕЊЕ КОН КАМЕРАТА“Јост не ја допре снимателката, соопшти холандскиот радиодифузер Авротрос. (Фото: АП)

    Дисквалификацијата на Јост Клајн од Евровизија е резултат на „заканувачко движење кон камерата“. Холандскиот радиодифузер Авротрос ова го објави денеска во првиот опширен одговор по дисквалификацијата на холандскиот уметник. Инцидентот се случи во четвртокот по настапот на Клајн во второто полуфинале во Малме.

    „Наспроти јасните договори, Јост беше снимен кога штотуку се симна од сцената и мораше да брза за да оди во фоајето“, соопшти Авротрос. „Во тој момент, Јост постојано укажуваше дека не сака да го снимаат. На ова не беше одговорено. Toa доведе до заканувачко движење од Јост кон камерата. Јост не ја допре снимателката“.

    На Клајн денеска му беше кажано дека повеќе не може да учествува на Изборот за песна на Евровизија. Европската радиодифузна унија (ЕБУ) одлучи да го исклучи од учество поради инцидентот. Снимателката го пријавила настанот во полиција.

    Според Конрад Маас, најпознатиот холандски евровизиски коментатор, Клајн ѝ го турнал телефонот на снимателката.
    „Јост неколку пати беше малтретиран од оваа жена со ротирачка камера. Тој веќе неколку пати посочи дека не сака да го снимаат“, рече Маас и истакна дека не се согласува со одлуката на ЕБУ.

    Според директорот на Авротрос, Тако Цимерман, Јост Клајн е длабоко разочаран и крајно тажен што е исклучен од финалето на Изборот за песна на Евровизија.

    „Тој толку многу сакаше да настапи, што моментално се чувствува многу лошо“, изјави Цимерман. „Мислам дека казната е непропорционална, можевме да седнеме нна маса како возрасни. Јас самиот не бев таму, но ова оди премногу далеку“.

    Цимерман понатаму вели дека Авротрос се обидел да го реши проблемот со снимателката.

    „Ние понудивме да седнеме со снимателката или Јост јавно да се извини. Снимателката одби каков било контакт“, рече тој.

    Радиодифузерот Авротрос повтори во изјавата дека смета оти одлуката на ЕБУ да го дисквалификува Клајн „многу тешка и непропорционална“.

    „Ние се залагаме за добри манири, нека нема недоразбирање околу тоа, но според нас, мерката за исклучување е непропорционална на овој инцидент. Ова е првпат од почетокот на Евровизија, една земја да биде дисквалификувана додека натпреварот е веќе во тек. Ова никогаш не се случило во последните 68 години“, рече Авротрос.

    Клајн беше меѓу фаворитите за победа на годинешниот натпревар со неговата песна „Европапа“. Проевропската техно химна е посветена на неговиот татко, кој починал од рак кога Клајн имал 12 години. Пејачот кој сега има 26 години му ветил на татка си дека еден ден ќе настапи на евровизиската сцена.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира