КОГА МОЖАМ ЈАС ДА СТАНАМ ПРЕТСЕДАТЕЛКА, МОЖАТ СИТЕ ЖЕНИ, РЕЧЕ ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ИНАУГУРАЦИЈАТА ВО СОБРАНИЕТО

    КОГА МОЖАМ ЈАС ДА СТАНАМ ПРЕТСЕДАТЕЛКА, МОЖАТ СИТЕ ЖЕНИ, РЕЧЕ ГОРДАНА СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА НА ИНАУГУРАЦИЈАТА ВО СОБРАНИЕТОПри изговорањето на заклетвата, т. е. повторувајќи ги зборовите на претседателот на Собранието Јован Митрески, Сиљановска не кажа дека дава заклетва како претседателка на Република Северна Македонија, туку само на Македонија. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска положи свечена заклетва во Собранието и посветувајќи им го говорот на жените на кои им се заблагодари, акцент стави на жените во политиката, и истакна дека стручност и компететентост ќе бидат главен критериум за дружење со неа.

    При изговорањето на заклетвата, т. е. повторувајќи ги зборовите на претседателот на Собранието Јован Митрески, таа не кажа дека дава заклетва како претседателка на Република Северна Македонија, туку само на Македонија. Силјановска-Давкова ја потпиша свечената изјава на која пишува Република Северна Македонија, исто како и на Уверението за Претседател на Република Северна Македонија кое вчера го прими во Државната изборна комисија (ДИК).

    „Моите зборови се во битка со емоциите. Признавам. Не можев да замислам дека ваква доверба  ќе добијам од над 560 илјади граѓани. Ќе го почитувам овој Парламент, ќе бидам претседателка и на левата и на десната страна. Ќе бидам претседателка на сите граѓани, нема да правам разлика по ниту една основа. Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници граѓани, кои не се само најубав роденденски подарок, туку се и најголема обврска“, рече Сиљановска-Давкова која е првата жена на претседателска функција во земјава.

    Време е за единство, кажа таа, бидејќи единството може да значи и женска филозофија, бидејќи жените умеат да се грижат не само за себе, туку и за сите останати.

    „Во ова собрание ќе ги читам законите и ќе се обидам да укажан на женски начин ако дојде до вето. Кога ќе именувам и кога предлагам членови на кој било орган, се разбира дека ќе тргнувам од стручноста и компетентноста. За жал, жените ги нема во политиката и затоа сум среќна дека ќе инспирирам други жени. Ако можам јас да бидам претседателка, можете и вие. Оваа држава не ја бранеле, не ја имаме благодарние само на комитите, туку и на комитките како Сирма Војвода. Не само на партизаните, туку и на партизанките како Вера Циривири-Трена, Вера Јоциќ, Ибе Паликуќа. Многу храбри и умни жени сум видела во овој парламент. Зад успешни жени стојат прекрасни мажи како мојот сопруг“, рече претседателката која со инаугурацијата го почна петгодишниот мандат.

    Сиљановска-Давкова, која е првата жена на претседателска функција во земјава, денеска го почна петгодишниот мандат. (Фото: Ѓ. Личовски)

    По свеченоста во Собранието, со највисоки државни и воени почести ќе се одржи и официјална церемонија на примопредавање на претседателската функцијата во Кабинетот на претседателот. По свечената церемонија, средба ќе имаат новоизбраната претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и досегашниот претседател Стево Пендаровски.

    Според конечните резултати на ДИК, Стево Пендаровски освои 251.899 гласови, а Гордана Сиљановска-Давкова освои 561.000 гласови.

    Сиљановска-Давкова е родена на 11 мај 1953, мажена е и мајка на две деца.

    Денеска честитка за новата претседателка стигна и од Лорд Пич, специјалниот претставник на британскиот премиер за Западен Балкан.

    „Честитки до Гордана Силјановска-Давкова, претседателка на Северна Македонија. Обединетото Кралство очекува зајакнување на долгогодишното партнерство помеѓу нашите земји, унапредување на трговските односи и проширување на заедничката посветеност на безбедноста и соработката во рамките на колективната одбрана како дел од НАТО”, се вели во пораката од Лорд Пич.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира