Грчката опозициска партија Сириза во следниот период ќе ги поднесе за ратификација во Парламентот трите меморандуми со Северна Македонија што произлегуваат од Преспанскиот договор, соопшти портпаролката Вула Кехаја на денешниот брифинг со новинарите, објави МИА. Таа објасни дека ги разгледуваат можностите како ќе го направат тоа и рече дека веројатно ќе биде во форма на законска иницијатива.
Трите потпишани меморандуми меѓу двете земји се: Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на Радарот за воздухопловни операции (FIR) Скопје. Тие се дел од обврските на Грција преземени со потпишувањето на Преспанскиот договор, а кои веќе неколку години чекаат да бидат ставени на дневен ред за ратификација во грчкиот Парламент.
Таа рече дека Владата на Кирјакос Мицотакис од Нова демократија „избегнува да ги донесе во Парламентот од внатрепартиски причини и за да ја одржи рамнотежата во самата Влада“.
„Се истражува и се читаат законските текстови што произлегуваат од Договорот од Преспа и претставуваат она што се нарекува Протоколи или Меморандуми за соработка со соседната земја и во следниот период, веројатно во облик на законска иницијатива, ќе бидат доставени во Парламентот. Но, со големо изненадување и незадоволство ја слушаме Владата и нејзините претставници да најавуваат дека ќе гласаат против или нема да гласаат или дека не се согласуваат со таква иницијатива. Зошто се крие Нова демократија и не се обидува барем сега владината партија да го спаси угледот на Договорот од Преспа, кој во минатото го карактеризираше како предавнички, а сега смета дека треба да го одбрани, но без притоа да го заштити законски?“, рече Кехаја.
Од партијата на експремиерот Алексис Ципрас, во време на чија влада беше потпишан Преспанскиот догвор, упатија и прашање до актуелната грчка Влада, зошто, „ако толку многу е вознемирена од ставот на новата претседателка на Северна Македонија, веднаш не ги донесе во Парламентот меморандумите како што налага Договорот од Преспа?“
Владата на Мицотакис „пет години не направи ништо за да го заштити договорот“, а како пример споменува дека сè уште ги нема ратификувано меморандумите, не направила ништо за промената на учебниците, за промена на трговските ознаки на компаниите од соседната земја, но и за промена на сообраќајните табли во Грција.
„Не само што не ги ратификуваше трите меморандуми од 2019 година што имаа јасни придобивки за земјата туку не се одржа ниту еден Висок совет за соработка – и покрај предвиденото за еднаш годишно, а беше потпишан само еден меѓудржавен договор наместо да се договорат десетици нови, велат од Сириза.
Дополнително ја прашаа грчката Влада и „дали има намера да го покрене прашањето за исфрлање на националистичката ВМРО-ДПМНЕ од Европската народна партија, односно сестринска партија на Нова демократија?“.
По потпишувањето на Преспанскиот договор на 17 јуни 2018, во Македонија следуваа уставни измени со кои државата доби ново уставно име Северна Македнија. Новото име стапи на сила во февруари 2019. Со договорот се реши 30-годишниот спор со Грција и Македонија стана 30. членка на НАТО.