ДАНЕЛА НАЈАВИ ДЕКА УТРЕ ЌЕ СЕ ПРСКА ПРОТИВ КОМАРЦИ ИАКО ТЕНДЕРОТ ПРОПАДНА, НЕ КАЖУВА КАКО И СО КОГО Е СКЛУЧЕН ДОГОВОР

    ДАНЕЛА НАЈАВИ ДЕКА УТРЕ ЌЕ СЕ ПРСКА ПРОТИВ КОМАРЦИ ИАКО ТЕНДЕРОТ ПРОПАДНА, НЕ КАЖУВА КАКО И СО КОГО Е СКЛУЧЕН ДОГОВОРТендерот за прскање против комарци во 2024 година е поништен на 30 април. (Фото: К. Попов)

    Градоначалничката Данела Арсовска вчера на својот фејсбук профил напиша дека на 18 мај во Скопје ќе се прска против комарци. В сабота рано наутро  ќе се реализира првата авионска дезинсекција, а ако врне ќе се изврши првиот нареден ден кога ќе бидат поволни временските услови.

    Арсовска во објавата, во која ги обвинува медиумите дека шират лажни вести оти се доцни со прскањето откако пропадна тендерот, не кажува кој ќе го врши прскањето, кога е склучен договорот и колку чини. Град Скопје имаше договор за прскање против комарци за 2022 и 2023 година, за оваа година требаше да распише нов тендер и да склучи нов договор за набавка на средства за прскање и аеро клуб кој ќе прска со авион. Но, таков тендер Градот сè уште нема склучено.

    САКАМДАКАЖАМ.МК утрово испрати прашања до Град Скопје за тоа кој ќе го врши авионското прскање и врз основа на кој договор, со оглед дека тендерот е пропаднат.

    Вечерва, три и пол часа по објавувањето на текстот, од Град Скопје стигна следниов кус одговор:

    „Во однос на јавната набавка за дезинсекција, истата не е поништена, се отпочнува со авионско прскање по склучен договор додека за терестријалното постапката е во тек поради превисока доставена понуда. Сите податоци се јавно достапни на ЕСЈН системот на Бирото за јавни набавки“.

    Принтскрин од страната на Бирото за јавни набавки за поништениот тендер за прскање против комарци.Според јавните податоци на веб страната на Бирото за јавни набавки, каде институциите имаат обврска да ги објавуваат сите тендерски постапки, тендерот на Град Скопје за превентивна дезинсекција против возрасни форми на комарци и против ларви од комарци на подрачјето на градот Скопје за 2024 година е поништен. Постапката е поништена на 30 април бидејќи, како што стои во објаснувањето, не е поднесена ниту една понуда или ниту една понуда не е прифатлива. Нов тендер за авионско прскање и набавка на средство нема распишано.

    На 15 мај, Град Скопје распиша тендер за терестична апликација на средство за уништување на возрасни форми на комарци и терестична апликација на средство за уништување на ларви од комарци. Овој тендер е само за прскање од земја, не и со авион, како што се најавува дека ќе се прска утре. Тендерот трае до 22 мај, до тогаш фирмите може да поднесуваат понуди.

    Според податоците на Бирото за јавни набавки, Град Скопје во мај и јуни 2022 склучил договори за постапката за прскање против комарци за две години. Првиот договор е склучен на 29 април со Друштво за воздушен транспорт „Аероклуб Скопје“ ДОО Чучер Сандево и е во вредност од 32.339.850 денари или 520.000 евра. Вториот договор е склучен на 19 мај со Центарот за јавно здравје во вредност од 549.120 денари и третиот договор на 21 јуни е со фирмата која го набавува средството за прскање, „Приматекс Бранка“ ДООЕЛ во висина од 32.096.446 денари или околу пола милион евра.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира