Салфетката со која Барселона се обврзала да го ангажира 13-годишниот Лионел Меси е продадена на аукција за 762,400 фунти, што е 969.000 долари. Почетната цена беше 300.000 фунти за врамената салфетка со димензии 16,5х16,5 сантиметри,
На салфетката, потпишана со сино мастило во декември 2000 година, е наведено ветувањето од тогашниот директор на шпанскиот фудбалски клуб Карлес Рексач дека ќе потпише договор за ангажирање на Меси.
Исто така, потпишана е и од Жосеп Мингела, советник за трансфери во Барселона, и од агентот Хорасио Гагиоли, кој го препорачал младиот аргентински фудбалер.
Салфетката беше продадена на аукција на лондонската аукциска куќа „Бонхамс“, од страна на Гагиоли. Меси ѝ се приклучи на Барселона следниот месец, а за првиот тим дебитираше на 16 години и оттогаш постигна рекордни 672 голови на 778 натпревари за каталонскиот клуб.
Меси освои 10 шампионски титули во шпанското првенство и четири во Лигата на шампиони, пред да премине во ПСЖ во 2021 година. 36-годишниот фудбалер сега игра за Интер Мајами.
Салфетката била потпишана на ручек со таткото на Меси, Хорхе.
Преведено, на салфетката пишува:
„Во Барселона, на 14 декември 2000 година, во присуство на Меси, Мингела и Хорасио, Карлес Рексач, спортскиот директор на Барселона, се согласува, на негова одговорност и без оглед на какви било различни мислења, да потпише со Лионел Меси, во согласност со сумите веќе договорени“.