ОВА НЕ Е ЖИВОТ, СЕ ЕЖИМЕ ПРИ СЕКОЕ КОЧЕЊЕ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА НОВАЦИ И СО БЛОКАДА НА ПАТОТ ЗА РЕК ПОБАРАА КАМИОНИТЕ СО ЈАГЛЕН ДА ВОЗАТ ПО ОБИКОЛНИЦА, А НЕ ПРЕД НИВНИТЕ КУЌИ

    ОВА НЕ Е ЖИВОТ, СЕ ЕЖИМЕ ПРИ СЕКОЕ КОЧЕЊЕ, ВЕЛАТ ЖИТЕЛИТЕ НА НОВАЦИ И СО БЛОКАДА НА ПАТОТ ЗА РЕК ПОБАРАА КАМИОНИТЕ СО ЈАГЛЕН ДА ВОЗАТ ПО ОБИКОЛНИЦА, А НЕ ПРЕД НИВНИТЕ КУЌИОпасноста кулминира со сообраќајката на 17 мај во која во судир со камион со јаглен загина 71-годишен тракторист од Новаци. (Фото: СДК.МК)

    Жителите од Општина Новаци со земјоделска механизација на еден час го блокираа сообраќајот на регионалниот пат што води за РЕК „Битола“, изразувајќи револт за големиот број камиони товарени со јаглен кои секојдневно им минуваат пред куќите. Капката што ја прели чашата беше сообраќајката што се случи на 17 мај, помеѓу товарно возило „волво“ со полуприколка со кавадаречки регистарски ознаки и трактор со приклучна земјоделска работна машина, во која загина 71-годишниот тракторист Благој Талевски од Новаци.

    „Овој немилосрден настан ни ја зацрни фамилијата. Излезе здрав и жив, а ни го вратија мртов. Ова е многу лошо и мора да се преземат некои мерки“, рече снаата на починатиот, Сузана Талевска.

    Од Иницијативниот одбор кој го организираше протестот велат дека пред неколку дена се повредило и 10-годишно дете додека со велосипед минувало низ улицата. Новачани регираат дека камионите на фирмите што превезуваат јаглен до комбинатот не сообраќаат со дозволена брзина, не се движат прописно и затоа нивните животи се загрозени.

    „Кога ќе слушнеме некое кочење на возило, сите се наежуваме да се се случило нешто повторно, тоа не е живот. Ќе продолжиме да си ги бараме нашите основни права за живот. Не се чувствуваме сигурни во живеалиштето каде живееме“, рече Даниел Петровски од Иницијативниот одбор.

    Новачани регираат дека камионите на фирмите што превезуваат јаглен до комбинатот не сообраќаат со дозволена брзина, не се движат прописно и затоа нивните животи се загрозени. (Фото: СДК.МК)

    Тие бараат да се стави во функција алтернативен пат или обиколница за камионите кои превезуваат јаглен за РЕК, за да не им минуваат низ главната сообраќајница во Новаци. Понатаму, на неа да се стави светлосна хоризонтална и вертикална сигнализација и ротирачка камери кои ќе следат со која брзина се движат камионите. Да има редовни полициски контроли. Полициската станица во Општина Новаци да се опреми со радар и дрегер и да се постават успорувачи на брзина на улицата.

    Нa протестот, за да изрази поддршка излезе и градоначалникот на Новаци Стевче Стевановски, кој рече дека дневно оттаму минуваат 200 камиони натоварени со јаглен.

    Од РЕК „Битола“ соопштија дека целосно ја разбираат загриженоста на жителите и дека последниот трагичен настан мора да биде навистина последен.

    „РЕК ‘Битола’ презеде конкретни чекори и оствари средба со економските оператори кои вршат транспорт на јаглен во комбинатот, на која беше подвлечено дека безбедноста на граѓаните е приоритет. Комбинатот ќе направи сѐ што е во рамките на неговите можности за да се спречат слични појави во иднина. Апелираме до сите кои секојдневно го користат регионалниот пат Новаци-Битола да се придржуваат кон поставената сообраќајна сигнализација, како и кон условите на патот. Благодарни сме за постојаниот ангажман на македонската полиција која често го контролира движењето на возилата на оваа делница и ги охрабруваме полицајците уште почесто и уште поригорозно да ги санкционираат несовесните возачи“, се вели во соопштението од РЕК.

    Јагленот што се транспортира за РЕК се носи од Грција, зашто експлоатациониот век на домашните рудници од кадешто комбинатот црпи руда е при крај. Увезениот јаглен го превезуваат приватни фирми.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира