Лимената ограда со која е заградено градилиштето на поранешно „Беко“ е откорната и стои на улица, во најстрогиот центар на Скопје. Оградата го попречува сообраќајот на улицата Даме Груев и го прави небезбедно движењето на пешаците.
Оградата вака стои од вчеравечер. Од ветерот и дождот што синоќа го зафати Скопје, парче од оградата се откорна и виси на улицата.
Градилиштето на поранешно „Беко“ е небезбедно оти постојано летаат парчиња од оградата и друг градежен материјал, но и покра тоа никој не интервенира. Пред неколку месеци, од Општина Центар рекоа дека ќе му наложат на инвеститорот „БС Консалтинг“ да го обезбеди градилиштето, но тоа не е сторено.
Фирмата „БС Консалтинг“ во времето на градоначалникот Андреј Жерновски доби дозвола за доградба и надградба на постојниот објект кој со години работеше како хотел. На почетокот на градежните работи им било кажало дека темелите на објектот нема да ја издржат надградбата, па затоа сопственикот го урна објектот, со намера да го гради одново. За да гради нов објект од темел, треба да добие нова дозвола за градба. Но, бидејќи Општина Центар го воведе мораториумот за градба, градителот не смееше да гради и немаше добиено градежна дозвола. Но и покрај тоа, постојано со прекини се градеше и добиваше казни од Општина Центар.
Во времето на ексградоначалникот Саша Богдановиќ беше поднесена и кривична пријава против сопственикот на фирмата Борис Стојменов, а две години потоа Обвинителството поднесе обвинение за градење на диво.
Инвеститорот лани почна да го урива она што го изгради на диво, односно беа урнати столбовите. Оттогаш таму нема никаква активност ниту некој го обезбедува градилиштето.
А. АНТЕВСКА