Тркачи од 36 држави ќе настапат на шестото издание на планинската трка Охрид ултра треил, чии организатори се спортските здруженија „Трекс“ од Скопје и „Топ адвенчрс“ од Охрид. Ова ќе биде најмасовната трка досега бидејќи се пријавени 470 учесници.
Охрид ултра треил ќе се одржува на 24 и 25 мај со различни временски стартови и локации, при што ќе има трки на 110, 65, 40, 22 и на 10 километри. Најдолгата трка ќе стартува в петок во 23 часот во Охрид, па следи Галичица ултра (65 км), чиј старт е следниот ден во седум часот во Свети Наум. Самотска маратон ќе почне во Пештани во девет часот, Летница треил започнува во 11 часот во Велгошти и првпат оваа година ќе има Јуниор треил, со старт во 10:30 часот во Велгошти.
Сите трки минуваат низ патеки, врвови, гребени и долини во националниот парк Галичица, а финишот е на градскиот плоштад во Охрид.
Покрај европските земји, оваа година доаѓаат и тркачи од Јужна Африка, Саудиска Арабија, Сингапур, САД и Јордан.