Барселона неочекувано го смени тренерот Чави и на негово место го доведе бившиот селектор на Германија, Ханси Флик. Чави, кој имаше договор до 2025, беше известен дека е отпуштен само еден месец откако клубот објави дека ќе остане на клупата и следната сезона.
Тој во јануари објави дека ќе си замине од „Камп ноу“, за потоа претседателот Лапорта да го убеди да остане. Сепак, неговите скорешни коментари за финансиските проблеми на клубот го налутиле Лапорта.
Клубот истовремено соопшти дека нов тренер ќе биде 59-годишниот Ханси Флик, кој беше без работа откако во септември 2023 беше сменет од функцијата селектор на германската репрезентација. Флик го замени Јоаким Лев во 2021, откако го предводеше Баерн до тројната круна во 2020, вклучувајќи ја и Лигата на шампионите.
Барселона имаше разочарувачка сезона под водство на Чави откако лани ја освои шампионската титула.