ПРИСТАПИТЕ ОД АВТОПАТОТ ДО ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ СЕ УЖАСНИ, СЕ ЖАЛАТ ТУРИСТИТЕ ОД СРБИЈА КОИ ОДМОРААТ ВО ВЕЛЕШКО НА ПАТ ДО ГРЦИЈА

    ПРИСТАПИТЕ ОД АВТОПАТОТ ДО ЕЗЕРОТО „МЛАДОСТ“ СЕ УЖАСНИ, СЕ ЖАЛАТ ТУРИСТИТЕ ОД СРБИЈА КОИ ОДМОРААТ ВО ВЕЛЕШКО НА ПАТ ДО ГРЦИЈАНа туристите кои одат за Грција попатна станица за одмор често им е велешкото езеро „Младост“. (Фото: СДК.МК)

    Со првомајските и велигденските празници започна сезоната на транзитниот туризам низ Македонија. На туристите, најмногу од Србија кои одат на летување во Грција, попатна станица за одмор често им е велешкото езеро „Младост“.

    „Ова место е најдобро за одмор на пат до Грција. Но, за жал, неколку години по ред го имаме истиот проблем. Пристапниот пат од автопатот Скопје-Велес и приклучниот за автопатот Велес-Скопје се најблаго кажано ужасни. Како со сила да сакаат да нè одвратат од намерата да преноќиме тука. Сме реагирале кај сопствениците на хотелите, но нивниот глас очигледно не се слуша“, велат туристи од Србија.

    За лошата состојба на овие патишта знаат и надлежните, но не успеваат да се договорат кој е надлежен да го реши тоа, иако станува збор за делница од само три километри. Директорот на ЈП „Државни патишта“ (ЈПДП) Ејуп Рустеми одговорноста ја префрла на локалната власт.

    „Овие патишта, исклучокот и приклучокот за автопатот, се под надлежност на локалната власт. Таа треба да ги обнови“, кажа Рустеми при неодамнеша посета на Велес.

    Градоначалникот на Велес, Марко Колев, вели дека имало различни толкувања кој е надлежен за пристапите на автопатот.

    „Кога се реконструираше делницата од регионалниот пат од Башино Село до езерото ‘Младост‘, некои средства од ЈПДП останаа неискористени. Патот се финансираше од кредит од Европската инвестициона банка. Кога писмено побарав со овие средства да се уредат пристапите за автопатот, добив одговор дека тие се надлежност на локалната власт. Има различни толкувања за овој проблем, дали се под државата, дали под општината. Но, тој мора да се реши во интерес на транзитните туристи“, кажа Колев.

    Србите се најбројни според бројот на престои во Велешко во 2022, по нив доаѓаат Романците и Унгарците. Проценките се дека годишно околу 700.000 до милион Срби заминуваат во Грција на одмор и исто толку минуваат по автопатот Куманово-Гевгелија.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира