РЕНОВИРАН ОДДЕЛОТ ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА И АКУШЕРСТВО ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦА

    РЕНОВИРАН ОДДЕЛОТ ЗА ГИНЕКОЛОГИЈА И АКУШЕРСТВО ВО БИТОЛСКАТА БОЛНИЦАОбезбедени се најсовремени апарати и опрема за медицинскиот персонал. (Фото: СДК.МК)

    Целосно e реконструиран Одделот за гинекологија и акушерство во битолската Клиничка болница, кој ги опслужува родилките од Битола, Прилеп, Ресен, Демир Хисар, Крушево и други околни општини. Директорката на болницата докторка Елизабета Ивановска изјави дека се обезбедени најсовремени апарати и опрема за медицинскиот персонал, а со реновирањето на собите, купатилата и другите простории создадена е пријатна атмосфера за престојот на родилките и нивните новороденчиња.

    Извршена е комплетна реконструкција на водоводна и електрична мрежа, кои беа непроменети десетици години. Заменет е поголемиот дел од опремата од родилните и гинеколошките столови, светлата за преглед, набавени се повеќе нови инкубатори, ЦТГ апарати, монитори, два вакуум аспиратори преку донација од проектите ПериМак и Хоуп.

    Понатаму, инсталирана е топлотна пумпа и комплетно се реновирани два купатила со три санитарни јазли преку донацијата на невладината организација „Ханд тилл ханд“ на Марија и Томас Росенгрен од Шведска.

    „Со комплетната реконструкција беа опфатени сите болнички соби, работна соба на медицинските сестри и опремени со нов инвентар. Новина која ја воведовме, а веќе е пракса во сите поголеми медицински центри, е ГПС локатор ракавица, пациент-сестра, со што ќе се олесни комуникацијата во итен случај меѓу пациентка и медицинската сестра“, рече директорката Ивановска.

    Извршена е промена на подови, врати, заштитни фолии на прозорци, осветлување над секој кревет, телевизори, промена на инвентар во ходник и чекална и преостанати неопходни работи кои што недостасуваа, а се обезбедени преку донации на компании. Реновирањето е остварено со заедничката заложба на менаџерскиот тим на болницата, раководителката на одделот  прим. д-р Елизабета Чипуровска и д-р Николина Ристевска.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира