Секој ден во билтените на Министерството за внатрешни работи (МВР) има по десетина пријави за каснати граѓани од улични кучиња. Улиците не само во Скопје, туку и во другите градови низ државава се полни со кучиња скитници. Собрани во глутници, кај голем број граѓани предизвикуваат страв и несигурност.
Надлежните, Општините, Град Скопје и Агенцијата за храна и ветеринарство со години немаат решение за овој проблем. Нема казнување за неодговорно сопствеништво, ниту начин како да се намали бројот на кучиња скитници кои во волкав број ги нема во ниту еден европски град.
Од буџетите на Општините секојА години се одлЕваат пари за обештетување на граѓани кои тужат бидејќи биле каснати од куче. Големиот број тужби создава и сомнежи дека дел од пријавите се лажни и дека постои корумпирана спрега меѓу општините, лекарите, адвокатите и судовите.
САКАМДАКАЖАМ.МК изминатиов месец преку платформата Пријави проблем доби над двесте поплаки и искуства од граѓани поврзани со улични кучиња. Речиси сите од нив велат дека биле нападнати од улично куче без причини и без никаква провокација.
„Ме нападна глутница кучиња на паркингот кај Детската клиника во раните утрински часови. Можеби беа 7-8 кучиња. Повлекувајќи се наназад, случајно удрив во предмет поставен на паркингот кој направи посилен звук и ги исплаши кучињата, па се разбегаа. За среќа, останав неповреден“, вели скопјанец.
„Секој втор ден во моето маало зад Педагошки факултет има кучиња кои напаѓаат. Имам психички страв, анксиозност и несигурност, не само за мене туку и за моите деца. Не сум задоволен како се решава проблемот ниту од Градот, ниту од државата“, вели Ѓорѓи Тасев од населбата Тафталиџе.
„Ме нападнаа во Општина Аеродром додека го носев детето во школо. Имам повреди на ногата, но траумите се поголеми. Детето сега секој ден го носам со кола во школо. Не тужев и не сакам пари, сакам да се чувствувам сигурно и јас и моето дете“, вели жителка во Општина Аеродром.
„На ден 19.01.2024 година бев нападнат од глутница кучиња на главната улица во населба Драчево. Тие денови имало многу напади, јас сум бил третиот тој ден, но со најмногу повреди. Иако официјалните лица беа известувани да се заловат агресивните кучиња, ефект немаше. Дури и неколку пати се јавував и праќав маилови во Град Скопје и ЈП ‘Лајка‘, но резултат немаше. Имам лузни на ногата, две големи и една мала од раните, намалена можност за физичка активност поради истегнати и скинати мускулни влакна и страв од кучиња“, го споделува своето искуство жител на Драчево, а друг жител од истата скопска населба вели дека бил нападнат од куче и додека бегал ќе го удрела кола.
Голем број граѓани, според искуствата од прашалникот, се нападнати од кучиња додека шетаат во парк, трчаат не кеј или возат точак низ градот. Велат дека успеале да останат неповредени и да им избегаат на кучињата благодарение на нивната присебност.
Скопјанка кажува дека неколку пати е нападната додека го шетала својот миленик и досега четири пати го тужела Град Скопје и добила 5.800 евра оштета.
„Страшно, три кучиња ме нападнаа пред зграда 46 во Новоселски Пат, едвај се одбранив. Напаѓаат мали деца, особено ако се на велосипеди и постари лица, таткото на мојата сопруга беше нападнат на истата локација па цела ноќ по болници и во полиција поминавме“, вели Јане Петровски.
„При нормално движење во Брусничка населба, Битола, големо куче со светлокафеава боја одеднаш со силно лаење се стрча кон мене, ме турна на земја, паднав на левата рака и ме касна на десниот горен дел од ногата. Поминав скоро едномесечна голгота на прегледи и уште имам повреди и рани“, вели битолчанка.
Друга битолчанка раскажува дека била нападната од глутница од 15 кучиња и спасена од минувач. Оттогаш има голем стрес и повеќе никаде не оди пешки и мора постојано да дава пари за такси.
Од ЈП „Лајка“ кое е надлежно за уличните кучиња во Скопје велат дека проблемот со улични кучиња е поради тоа што граѓаните се неодговорни, ги оставаат кучињата на улици и поради тоа што нема никакви казни за неоговорно сопствеништво.
„Основната причина за настанување на овој комунален проблем е ниското ниво на свест кај граѓаните за благосостојбата на животните и недостаток на соодветна законска регулатива, како и неспроведување на постоечката, бидејќи сите релевантни истражувања наведуваат на фактот дека главниот извор на проблемот се домашните кучиња кои неодговорно се чуваат од страна на граѓаните и нерегулираното производство на нивни легла. ‘Лајка‘ како последната алка од т.н. системско решение е целосно посветена на третирање на сите кучиња кои моментално се наоѓаат на јавен простор, со цел да се воспостави контрола на нивната бројност со примена на методот ‘залови-стерилизирај- вацинирај-врати’ како хуман, ефикасен и економски исплатлив метод кој дава видливи резултати. За постигнување на крајната цел, потребни се паралелни мерки кои би го спречиле приливот на нови единки на улица:брза и ефикасна примена на подобро законско решение кое ќе го таргетира пред се неодговорното сопствеништво како причинител број еден на проблемот, подобра идентификација на милениците, контрола на размножување и обесхрабрување на создавање на нови легла, оданочување на нестерилизиран/некастриран миленик, посериозни санкции за неодговорните сопственици, но од друга страна и подобра имплементација на тоа законско решение од страна на надлежните институции“, ја објаснуваат причината за проблемот во „Лајка“.
САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша граѓаните што предлагаат за решавање на проблемот. Според граѓаните, кучињата треба да се отстранат од улиците. Велат дека треба да се носат во стационари надвор од градот, а не пак да се враќаат на улица и сметаат дека мора да почне да се казнува за неодговорно сопствеништво.
„Кучето не се сака само ако му се однесе манџата што не се изела дома и се фрла по тротоари, туку треба да се шета, трча, тренира. Ова е грев кон самите кучиња што се прави. Сепак, најмногу се криви луѓето. Во други земји се дава дозвола за чување куче за која се полагаат испити, и секако сите домашни кучиња се стерилизирани. Само човек со дозвола за парење на кучиња може да го прави тоа“, вели скопјанка.
„Контрола на легла на кучиња, да не се дозволува чување на кучиња на секого и тој што чува да биде психички и физички подобен за тоа. Казни и одземање на кучињата за тие што ги водат без маска пуштени од ланец, често сум се нашла во ситуација да пуштаат крволочни кучиња без ланец. Шинтерска служба и стационари каде кучињата скитници ќе се тргнат од улиците по градовите и селата. Не треба да се враќаат на улица“, вели скопјанка.
Налдежните од „Лајка“ велат дека е невозможно сите кучиња да се однесат во еден стационар. Тоа би било неиздржливо од финансиски аспект, но и не го решава проблемот.
„Џабе да се заловат сите кучиња и да се однесат во еден стационар, кога за една година од нови легла можат да се создадат повторно ист број улични кучиња. Во Скопје според нашите проценки има меѓу 6.000 и 10.000 кучиња скитници. Мора да има казни за да се реши проблемот, но не се најде еден маж што ќе рече ова и ова ќе се прави. Не треба да измислуваме топла вода. Една Европа го решила проблемот после Втората светска војна, а ние не можеме. Во Виена ако ти избега куче, полицијата ќе ти го врати со фактура од 1.500 евра. Во Холандија казна за напуштено куче е 16.000 евра. Такви казни треба да има и кај нас“, вели директорката на „Лајка“ и подпретседателка на здружението за заштита на животни „Анима мунди“ Радмила Пешева.
Граѓаните кои биле каснати од кучиња велат дека со проблеми се соочуваат и по каснувањето кога ќе отидат во болница. Дел од нив велат дека нема нема вакцина за тетанус и лекови мора да купуваат приватно. Дел од нив на нашиот прашалник одговорија дека ја тужеле општината и биле обештетени. Сметаат дека обештетувањето не помага да се надмине траумата после напад од куче.
Од Општините и од Град Скопје, иако признаваат дека има голем број улични кучиња низ улиците, се сомневаат дека сите тужби се вистински. Велат дека постои мрежа за лажно пријавувања каснување од куче меѓу полицијата, лекари кои даваат лажни потврди за повредата и адвокати кои ја тужат Оштинатата за отштета, за што од општинските буџети се излеваат стотици илјади евра годишно, а сумата расте од година в година.
Како за пример, Општина Битола во 2023 година исплатила 7. 769.952 денари (126.340 евра) за оштети, во 2022 година 2. 885. 115 денари (46.912 евра), во 2021 година 1. 129.000 денари (18.350 евра). Од Општината се посомневаа за манипулации бидејќи едни исти адвокати поднесуваат тужби, а исти лекари издаваат потврди, па побараа јавното обвинителство да отвори постапка и спроведе истрага во врска со пријавите за каснување од кучиња скитници кои се доставуваат до Општината.
„Иницијативата произлегува по укажувањата од надлежните служби, но и правните застапници на Општина Битола, дека постои основан сомнеж за сторени злоупотреби од страна на сите вклучени субјекти во постапката во предметите за надомест на материјална и нематеријална штета предизвикана како резултат од напад на куче-скитник, кои во изминатиот период се со зголемен број, а врз основа на што Општина Битола трпи сериозна материјална штета“, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.
И во Град Скопје и ЈП „Лајка“ се сомневаат на лажни пријави за каснување од куче. Согласно завршната сметка на претпријатието за 2023 година, по тужби се исплатени 6.211.991 денари, а во 2022 7.764.624 денари.
Од Град Скопје за САКАМДАКАЖАМ.МК велат дека тужбите најчесто се поднесени едни исти адвокати и тоа адвокат Дејан Славковски, адвокатско друштво Андоновски и Саздов, адвокат Маја Саздова. Од Градот додаваат дека граѓани им пријавувале и оти адвокатите сами им се јавуваат откако ќе бидат каснати од куче, а во тек на главна расправа дознаваат дека странките воопшто не одат на преглед кај вештото лице, туку тие вештиот наод и мислење го добиваат исклучиво врз поднесена медицинска документација, па оттука и сите наоди и вешти мислења се скоро идентични.
А. АНТЕВСКА