Експретседателот на САД Доналд Трамп денеска рече дека ќе поднесе жалба на пресудата дека е виновен, со која стана првиот американски претседател осуден за кривично дело, иако ќе мора да почека до изрекувањето на казната на 11 јули пред да го преземе тој чекор. Во бурните изјави во лобито на „Трамп тауер“ во Менхетен, каде што ја најави својата прва претседателска кандидатура во 2015, Трамп повтори дека судењето е „наместен“ обид да се попречи неговата кандидатура за враќање во Белата куќа и предупреди дека тоа покажува дека ниту еден Американец не е безбеден од политички мотивирано гонење.
„Ако можат да ми го направат ова мене, тие можат да му го направат ова на секого“, рече 77-годишниот Трамп во 33-минутен претходно неподготвен говор.
Проследен со аплаузи од поддржувачите, Трамп, републиканскиот кандидат на изборите во 2024, не одговараше на прашања од новинарите.
„Ќе ја обжалиме оваа измама“, рече тој.
Трамп ќе има 30 дена од датумот на изрекувањето на казната на 11 јули да поднесе жалба.
Демократскиот претседател Џо Бајден, кој ќе се соочи со Трамп на изборите на 5 ноември, рече дека на Трамп му била дадена можност да се брани во истиот правосуден систем што важи за сите Американци.
„Несовесно е, опасно е, неодговорно е некој да каже дека ова е наместено само затоа што не му се допаѓа пресудата“, рече Бајден (81) во Белата куќа.
Пресудата дека експретседателот Трамп е виновен за кривични дела ги катапултира САД во неистражена територија.
Обвинението за кое Трамп беше осуден, фалсификување деловни книги, носи максимална казна од четири години затвор. Другите осудени за тоа кривично дело често добиваат пократки казни, парични казни или условна казна.