Почина полицаецот кој беше тешко повреден во нападот со нож што се случи во петокот на плоштад во германскиот град Манхајм, објавија локалните власти. Дваесет и деветгодишниот полицаец беше еден од шестемина луѓе кои беа ранети на собир на крајната десница, при што бил прободен во главата неколкупати.
Нападот го изврши 25-годишен маж со авганистанско потекло кој дошол во Германија во 2014. Тој беше застрелан и уапсен на самото место. Полицијата засега не го знае мотивот на нападот, во кој е повреден и 59-годишниот крајнодесничарски активист Михаел Штурценбергер. Тој важи за контроверзна личност поради своите тврдокорни ставови против муслиманите и имиграцијата и е дел од Граѓанско движење Пакс Европа, кое германските безбедносни служби гп имаат означено како екстремистичка организација. Штурценбергер не е во животна опасност.
Собирот се пренесуваше во живо на Јутјуб, па е снимен и моментот на нападот, при што се гледа како напаѓачот боде неколкумина луѓе.