ВИОЛИНИСТОТ ЏУЛИЈАН РАХЛИН ОД ЛИТВАНИЈА ГО ОТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТО НА 12 ЈУЛИ

    ВИОЛИНИСТОТ ЏУЛИЈАН РАХЛИН ОД ЛИТВАНИЈА ГО ОТВОРА ОХРИДСКО ЛЕТО НА 12 ЈУЛИДиректорката на Охридско лето Наташа Поповиќ со селекторките Бисера Чадловска (лево) и Сања Арсовска. (Фото: СДК.МК)

    Светски познатиот виолинист Џулијан Рахлин од Литванија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид  ќе го отвори 64. издание на фестивалот Охридско лето, соопшти директорката Наташа Поповиќ, објавувајќи ја фестивалската програма.

    „Џулијан Рахлин е еден од највозбудливите и најпочитуваните виолинисти кој  ја маѓепсува публиката низ целиот свет со неговиот исклучително богат звук, беспрекорна изведба и маестрална интерпретација. Славниот виолинист и диригент ќе настапи заедно со оркестарот на Филхармонијата“, изјави Поповиќ.

    Античкиот театар, Долни Сарај, црквата „Света Софија“  и нејзиното предворје, како и  Центарот за култура „Григор Прличев“ и годинава ќе бидат локациите каде од 12 јули до 20 август ќе се одржува фестивалот.

    „Ќе пречекаме над 500 уметници од 24 земји: Србија, Литванија, Словенија, Германија, Австрија, Велика Британија, Италија, Јапонија, Русија, Чешка, Венецуела, Бразил, Шпанија, Црна Гора, САД, Хрватска, Словачка, Романија, Грција, Кина, Полска, Франција, Белгија и секако, уметници од Македонија“, најави Поповиќ.

    Уметничката програма ја направија селекторките Бисера Чадловска и Сања Арсовска, а ќе се одржат  36 настани од кои најголемиот дел се од областа на класичната музика, шест театарски претстави, и по една изложба и промоција на книга.

    „Посебно ме радува што и годинава успешно го реализиравме проектот ‘Концерти преку цела година’, со што понудивме исклучително квалитетни настани. Со ваквата новина обезбедивме континуитет во поглед на успешна и квалитетна програма која ќе му даде обележје на фестивал кој ги следи светските трендови, рече Поповиќ.

    М. ЏАРОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира