Портокалова фаза е прогласена во Гевгелија, Богданци, Валандово и Дојран за утре и задутре (11 и 12 јуни) поради најави за топлотен бран од утре, соопшти Владата по денешната седница, според информациите од Интитутот за јавно здравје (ИЈЗ )и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР). Според УХМР, до среда ќе се задржи сончево и многу топло време. Дневната температура насекаде ќе биде над 30, а наместа ќе достигнува и до 40 степени.
Владата ги усвои препораките од Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури и донесени се следниве мерки:
- oслободување од работните обврски на најранливите групи население, односно бремените жени и лицата на возраст над 60 години,
- во градинките да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот,
- единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и Центрите за социјални работи, во регионите зафатени со топлотниот бран да пружаат помош на осамени, стари, изнемоштени лица, бездомни лица.
„Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавачите на обврската за почитување на законските прописи од оваа област“, вели Владата.
За утре и задутре е најавено и дека териториите на Скопскиот и Вардарскиот Регион ќе бидат зафатени од високи температури, но од жолта фаза.
„Во овие региони ќе важат општите препораки, кои што ќе ги соопшти Министерството за здравство“, вели Владата.