Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа се соочува со административни пречки пред настапот на Вимблдон бидејќи сѐ уште не ѝ е одобрена британска виза. Квалификацискиот дел за тенисерки почнува на 25 јуни, но Ѓорческа сакаше да одигра и еден подготвителен турнир на трева, што веројатно ќе пропадне бидејќи процедурата за британска виза не само што се одолжи, туку е и посложена во споредба со некои други „тениски“ држави.
„Ние аплициравме за виза преку интернет уште пред три недели, кога бевме на Ролан Гарос. Кога се вративме, бевме на интервју за виза во Скопје и на 27 мај добивме мејл дека апликацијата е стигната. Околу визите секогаш се ангажираат и помагаат и самите организатори на Вимблдон, но уште чекаме и не знаеме колку ќе трае. Проблемот е што кога ќе ја одобрат визата, пасошот мора да се прати во Белград и тука се губи уште време. За разлика од Вимблдон, Австралија автоматски испраќа виза ако треба да играш на тамошниот гренд слем турнир“, вели тренерот на Ѓорческа, Димитар Лабудовиќ.
Единствениот настап на Вимблдон Ѓорческа го имаше во 2017, а годинава веќе играше во квалификациите за Отвореното првенство на Австралија и Ролан Гарос, со што ова би ѝ бил трет гренд слем турнир во низа.
„Го контактиравме нашето Министерство за надворешни работи, пробуваме на повеќе страни. Мислевме ќе оди побрзо, сега се надеваме процедурата да заврши барем до крајот на неделава. Сакаме да бидеме во Лондон најдоцна до 23 јуни. Лина сакаше да игра на трева и пред Вимблдон, но веројатно нема да успее во тоа“, кажа Лабудовиќ.
Г. КОНЕВ