Кај крстосницата Овче Поле на магистралниот пат Велес-Штип, на пладне два часа земјоделците го блокираа сообраќајот, зашто каналите од Хидросистемот Брегалница немаат вода. Една седмица не стигнувала до нивните земјоделски површини, што се одразува и врз родот. Протестираа земјоделците од Овче Поле, Свети Николе и Лозово.
„Сите плаќаме воден надоместок, а вода немаме. Штетите уште отсега можеме да кажеме дека се големи, принос нема да има или ќе биде низок. Јуни сме, а сè ни изгоре. Ова ни се повторува со години, не е првпат. Уште пред 7-8 години писмено реагиравме дека каналите се во лоша состојба. Толку време ништо не се презеде“, велат земјоделците од регионот.
Крстосницата за Свети Николе, Велес и Штип, беше блокирана со механизација. Се најавува дека ќе продолжат со протестите, па дека ќе го сопрат и сообраќајот на автопатот.
„Системот е правен во времето на Тито, за Овче Поле да добива 80 отсто вода, а Кочанско 20 отсто. Ако не било така, Овче Поле немало да биде што е сега со толку обработлива површина. Сега е обратно, ние добиваме што ќе остане“, додаваат земјоделците.
Од Хидросистемот Брегалница објаснуваат дека вода има, но била пренасочена, а дел се губела поради лошата инфраструктура. Во езерото Калиманци има 95 милиони метри кубни вода.
„Работиме на решавање на проблемот. Тоа опфаќа отстранување на хавариите во каналите, што предизвика големи загуби и дисбаланс во снабдувањето со вода за полевање. Годинава, поради високите температури рано започна полевањето, што се поклопи со полнењето на оризниците во Кочанско. Очекуваме до крајот на седмицата состојбата да се надмине“, кажа Благојчо Богатинов, директор на подрачната единица Брегалница од Кочани, дел од Водостопанство.
П. ПЕЧКОВ