МЛАДИТЕ СÈ ПОЧЕСТО ПОМИСЛУВААТ НА САМОУБИСТВО, РЕКОА НА ДЕБАТА ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ВО ТЕТОВО

    МЛАДИТЕ СÈ ПОЧЕСТО ПОМИСЛУВААТ НА САМОУБИСТВО, РЕКОА НА ДЕБАТА ЗА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ ВО ТЕТОВОПанел-дискусија е дел од регионалниот проект „Нашите тела не се табу“ што во Мкаедонија го спроведува ХЕРА. (Фото: СДК.МК)

    Психолози, педагози, професори и други стручни лица, на панел дискусија одржана во Тетово, разговараа на темата „Колку се важни образовните програми за благосостојбата и менталното здравје кај младите“.

    „Денес, заедно со стручните лица, со педагозите, психолозите, социјалните работници, со здравствените работници, практично ја отвораме темата како во општество може сите заедно да се сплотиме и да разговараме да се унапредат образовните потреби да бидат онакви како што ќе им одговараат на потребите на младите“, изјави Елизабета Божиноска, програмска директорка на здружението ХЕРА.

    Современиот начин на живот и комуникација можат, според поновите истражувања, значително да влијаат врз психата кај младите па, според стручните лица, сè почесто кај дел од нив се појавуваат и мисли за самоубиство.

    „Се фокусираме како сексуално образование е во функција на унапредување на менталното здравје. Во овој аспект секаде доста е актуализирано прашање во однос на ментално здравје. Посебно во адолесценција и сексуалното образование е една алатка која придонесува кон унапредување на ментално здравје, поради причината што сексуалното образование се базира на принцип на човекови права. Според последните научни истражувања, последниве години имаме пораст на психосоматски симптоми кај оваа возрасна група, но имаме и податоци кои кажуваат дека е во пораст бројот на ученици кои имаат или се самоповредуваа“ , рече проф. д-р Шеризе Османи-Балажи од Универзитетот во Тетово,

    Оваа тема станува од ден во ден сè поактуелна, а според стручните лица, во нејзината популаризација и во застапенаста во општеството една од клучните улоги ја имаат медиумите кои треба повеќе да зборуваат за менталното здравје кај децата и младите.

    „Мошне е важна застапеноста на овие темите за менталната хигиена во медиумите во акцентирањето на важноста за менталното здравје, пронаоѓање начини како институциите може да ја поддржат оваа јавна слика за вложувањето во менталното здравје, а тоа, во последниве две-три години постапно влегува и во рамките на образовните институции, каде што се овозможуваат различни активности преку задолжителни годишни програми, а ќе се вложува и во превентивни активности и во грижа за децата и младите“, рече Гордана Блажевска-Спиридонова, училишен психолог во гимназијата „Никола Карев“ во Скопје.

    Оваа панел-дискусија е дел од регионалниот проект „Нашите тела не се табу“ што се спроведува во Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора, а во Македонија проектот го спроведува ХЕРА со поддршка од Француската амбасада.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира