ФФМ БАРА УЕФА ДА ПРЕЗЕМЕ ДИСЦИПЛИНСКИ МЕРКИ ПРОТИВ АЛБАНСКИОТ ФУДБАЛЕР ДАКУ КОЈ ЈА ПЦУЕШЕ МАКЕДОНИЈА ПО МЕЧОТ СО ХРВАТСКА НА ЕП

    ФФМ БАРА УЕФА ДА ПРЕЗЕМЕ ДИСЦИПЛИНСКИ МЕРКИ ПРОТИВ АЛБАНСКИОТ ФУДБАЛЕР ДАКУ КОЈ ЈА ПЦУЕШЕ МАКЕДОНИЈА ПО МЕЧОТ СО ХРВАТСКА НА ЕПДодека албанските навивачи го славеа освоениот бод, Даку зеде мегафон и од теренот вулгарно скандираше против Македонија (Фото: Зума прес)

    Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) реагираше на скандалот што го предизвика албанскиот репрезентативец Мирлинд Даку, кој по завршувањето на дуелот со Хрватска на Европското првенство во Германија ги пцуеше Македонците.

    Албанија одигра 2:2 со фаворизираната Хрватска откако постигна гол во судиското продолжение, а додека навивачите го славеа освоениот бод, Дука зеде мегафон и од теренот вулгарно скандираше против Македонија.

    ФФМ го повика Даку јавно да се извини, а од УЕФА да го казни.

    „Изразуваме длабока загриженост и недвосмислена осуда во врска со националистички скандирања од Мирлинд Даку, репрезентативец на Албанија, насочени против македонската држава по завршувањето на вчерашниот натпревар Хрватска-Албанија на Европското првенство. Однесувањето е неприфатливо и спротивно на основните вредности на спортскиот дух и меѓусебното почитување што ги промовира фудбалот. Принципите на политичка неутралност се вградени во регулативите на меѓународните асоцијации како ФИФА и УЕФА. Фудбалската федерација на Македонија за ваквото скандалозно однесување ќе прати официјален допис до УЕФА. Го повикуваме Мирлинд Даку јавно да се извини за своето однесување, препознавајќи ја штетата што ја предизвика. Исто така, ги повикуваме релевантните институции да го истражат овој инцидент и да преземат соодветни дисциплински мерки за зајакнување на стандардите на однесување“, објави ФФМ.

    Даку потекнува од Косово и играше за неговите млади фудбалски селекции, пред да стане репрезентативец на Албанија во 2023.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира