ВЛАДАТА ПО БРЗА ПОСТАПКА ЌЕ ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ДОИЗГРАДБА НА НОВАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ВО ШТИП НА КОЈА НЕКОЛКУ ГОДИНИ НИШТО НЕ СЕ РАБОТИ, А БЕШЕ НАЈКАПИТАЛЕН ОБЈЕКТ

    ВЛАДАТА ПО БРЗА ПОСТАПКА ЌЕ ДОНЕСЕ ОДЛУКА ЗА ДОИЗГРАДБА НА НОВАТА КЛИНИЧКА БОЛНИЦА ВО ШТИП НА КОЈА НЕКОЛКУ ГОДИНИ НИШТО НЕ СЕ РАБОТИ, А БЕШЕ НАЈКАПИТАЛЕН ОБЈЕКТЕкспресно ќе се донесат финансиски и други одлуки за продолжување на работите на овој капитален објект, рекоа Таравари и Мицкоски во Штип. (Фото: СДК.МК)

    Новата Клиничка болница во Штип која е во изградба, но со години тапка во место, денеска на првиот работен ден на новата влада ја посетија премиерот Христијан Мицкоски и новиот министер за здравство Арбен Таравари. Таравари рече дека во најскоро време ќе се направи комплетна анализа на состојбата со изградбата на болницата, ќе се утврдат сите спорни судски и тендерски постапки што биле донесувани во време на претходната Влада и експресно ќе се донесат финансиски и други одлуки за продолжување на работите на овој капитален објект.

    Таравари призна дека не е многу во тек со случајот иако бил министер во претходната Влада кога веќе биле започнати работите околу изградбата на новиот Клинички центар, затоа што на оваа функција бил кратко време, само 100 дена.

    Мицкоски рече дека повеќе години во Штип има мртов објект на кој не се работи ништо, па затоа приоритет на Владата од областа на инвестициите во здравството ќе бидат Клиничките болници во Штип и во Кичево. Тој рече дека на враќањето од Штип по пат ќе разговара со министерката за финансии да се најде решение за сите неопходни финансиски трансакции, со цел да продолжи изградбата на Клиничката болница во Штип како прв приоритет и така, според него, со забрзан чекор по чекор да се решаваат проблемите.

    Новата Клиничка болница во Штип е од времето на експремиерот Никола Груевски, а почна да се гради на 3 март 2016, кога камен-темелникот го поставија тогашниот технички премиер Емил Димитриев и министерот за здравство Никола Тодоров. Тогаш беше најавено дека вкупната инвестиција изнесува 56 милиони евра од кои 30 милиони евра отпаѓаат на градежните работи, а останатиот дел на опремувањето. И тогаш и сега планот е новата Клиничката болница да биде наменета за над 250 илјади граѓани од Источна Македонија.

    Според првичната проектна документација, новата Клиничка болница треба да биде со врвни светски стандарди со најсовремена опрема на сите 8 нивоа, каде ќе има вкупно 300 болнички кревети со систем на пневматска пошта која ќе ги поврзува лабораторијата со дијагностика и оперативниот дел.

    Меѓутоа, наредната година по ставањето на камен-темелникот со промената на власта изградбата почна да стагнира, а поради судските спорови со изведувачот на работите, грчката фирма „Интеркат“ работите неколку години целосно престанаа.

    Претходниот министер за здравство Фатмир Меџити, минатата година најави нова тендерска постапка за февруари оваа година и доизградба на Клиничката болница, а истовремено на суд ќе се бара отштета затоа што болницата не била изградена во предвидениот рок од две години според договорот. Банкарската гаранција била шест милиони евра и е во рамките на проектната единица и тие ќе се користат за доизградба на болницата. Но, дел од најавите на претходниот министер не се случија и не е познато да која фаза се судската и тендерската постапка.

    Таа анализа на состојбата, како што најави Таравари, останува да се утврди наредните денови и да се донесат решенија и одлуки кога и како да продожат работите за крајна доизградба на новата Клиничка болница во Штип.

    Владините претставници за време денешната посета на Штип присуствуваа на почетоците на комплетна реконструкција на спортскиот центар „Џексон“ и на неколку други капитални инфраструктурни објекти во Штип, кој важи за град со најголема градежна и инфраструктурна експанзија во последните две години во Македонија. Штип ќе добие 6 милиони евра државен грант  за локални инвестиции, од вкупно 300 милиони колку што се планирани за сите општини во државата.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира