„Боинг 737 макс-8“ на корејската авиокомпанија „Коријан ер“ бил принуден да се врати назад откако патници почнале да крвават од носот и да чувствуваат болка во ушите поради проблем со системот за притисок во кабината. Авионот, кој летал за тајванскиот град Таичунг, пријавил проблеми со системот набргу по полетувањето, па по помалку еден час лет, се вратил на меѓународниот аеродром во Инчеон, објави новинската агенција „Јонхап“.
Како резултат на проблемот, авионот нагло се спуштил од висина од 9.000 метри на 2.700 метри и овој драматичен пад предизвикал екстремни непријатности, па дури и здравствени проблеми кај дел од 125 патници.
Најмалку двајца патници крвавеле од носот, а уште 15 се пожалиле на болка во ушите и хипервентилација. Тринаесетмина патници побарале лекарска помош, но немало сериозни повреди.