ДЕМОКРАТИТЕ ЗАГРИЖЕНИ ПО СЛАБИОТ И НЕСИГУРЕН НАСТАП НА БАЈДЕН ВО ПРВАТА ДЕБАТА СО ТРАМП

    ДЕМОКРАТИТЕ ЗАГРИЖЕНИ ПО СЛАБИОТ И НЕСИГУРЕН НАСТАП НА БАЈДЕН ВО ПРВАТА ДЕБАТА СО ТРАМПДвајцата веројатни претседателски кандидати разменуваа обвинувања и лични навреди (Фото: АП)

    Џо Бајден имаше неубедлив и несигурен настап, додека Доналд Трамп го напаѓаше со серија често лажни тврдења во нивната прва телевизиска дебата во пресрет на изборите во ноември, во која двајцата веројатни претседателски кандидати разменуваа и лични навреди.

    Двајцата ривали ги дадоа своите видувања за абортусот, имиграцијата, војните во Украина и Газа и за начинот на справување со економијата и на крајот на дебатата не си подадоа рака.

    Таборот на Бајден се обиде да биде оптимистичен по дебатата, додека од Белата куќа кажаа дека тој имал настинка, на што се должел неговиот рапав глас. Сепак, слабиот настап на актуелниот претседател ги загрижи демократите и дали тој на 81 години е способен за уште еден четиригодишен мандат.

    Еден од водечките донатори на Бајден го опиша неговиот настап како дисквалификувачки и кажа дека очекува нова серија повици за негово повлекување во пресрет на партиската национална конвенција во август. Коментаторот на Си-Ен-Ен, Џон Кинг, кажа дека настапот на Бајден предизвикал паника кај некои демократи.

    Бајден се мачеше со зборови во почетокот и конечно стана посамоуверен на половина од дебатата кога го нападна Трамп за скандалот со порноактерката Сторми Даниелс.

    Деведесетминутната дебата се одржа четири месеци пред изборите, најрано досега, немаше публика во студиото и микрофоните автоматски им се исклучуваа кога не беше нивни ред за зборење. Тие меѓусебно се нарекоа „најлошиот претседател во историјата“, Бајден за Трамп кажа дека е губитник и плачко, додека Трамп му возврати дека е катастрофа.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира