Првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, соопшти дека почнува пракса на редовна координација со министрите, замениците-министри и другите избрани и именувани кадри на Коалицијата Вреди. Меџити, кој е лидер на Демократското движење, денеска имал состанок со министрите за здравство, европски прашања, економија, добро владеење, труд, демографија и млади кои се од Вреди, соопшти коалициската партија Беса.
Во соопштението се вели дека редовната координација се воспоставува „во насока на обезбедување висок степен на ефикасност во спроведувањето на нашите програмски заложби“.
„Остануваме целосно посветени на спроведување на предизборните ветувања и спроведување на политики кои ќе ги решаваат проблемите на граѓаните, ќе го подигнат животниот стандард и ќе обезбедат сигурна иднина. Фокусирани сме на динамизирањето на ЕУ перспективите, борбата против корупцијата, економскиот развој и децентрализацијата на власта кон општините како прв непосреден сервис за граѓаните. Имаме план и визија за испорачување на резултати во прецизно утврдени рокови. Заедно со претседателот на Собранието и пратениците од владејачката коалиција ќе предлагаме и усвојуваме соодветни законски решенија“, соопшти Беса.
Премиерот Христијан Мицкоски, како лидер на ВМРО-ДМПНЕ, во предизборието инсистираше дека функцијата прв вицепремиер е незаконска и дека неговата влада ќе ја укине. Но, на 26 јуни, изјави дека и оваа влада ќе има прв вицепремиер, а тоа ќе биде Изет Меџити од Коалицијата Вреди, оти имаат џентлменски договор во владината коалиција.
„Според законот којшто е важечки, претседателот на Влада има заменици, а џентлменскиот договор во рамките на коалицијата е да има прв вицепремиерот и тоа ќе биде Изет Меџити. Но, тоа е надвор од законот, законот вели дека премиерот има само заменици. Она што досега е работено на диво и незаконски нема да биде пракса во работењето на оваа влада. Но, да, џентлменскиот договор во нашата коалиција и нашето функционирање е таков“, рече Мицкоски на поставувањето на камен темелник на школо во Драчево.
Функцијата прв вицепремиер не е пропишана во Законот за Влада, но е предвидена во Деловникот за работа на Владата како подзаконски акт, со кој поблиску се утврдува внатрешната организација, начинот на работа, како и други прашања од значење за работата на Владата. Деловникот го донесува самата Влада, а во член 5 се вели: „Претседателот на Владата го заменува првиот заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за координација на политички прашања на ресорите, а во случај на негово отсуство или спреченост тогаш претседателот на Владата го заменува еден од неговите заменици што тој ќе го определи“.
Владата на Мицкоски не го изменила Деловникот.