ВЕНКО ФИЛИПЧЕ Е НОВ ЛИДЕР НА СДСМ, КАЖА ДЕКА ЌЕ СЕ СПРОТИВСТАВИ НА ОНИЕ КОИ САКААТ ДА ЈА ОСЛАБНАТ ПАРТИЈАТА ЗАРАДИ ЛИЧЕН ИНТЕРЕС

    ВЕНКО ФИЛИПЧЕ Е НОВ ЛИДЕР НА СДСМ, КАЖА ДЕКА ЌЕ СЕ СПРОТИВСТАВИ НА ОНИЕ КОИ САКААТ ДА ЈА ОСЛАБНАТ ПАРТИЈАТА ЗАРАДИ ЛИЧЕН ИНТЕРЕС„На оние кои се надеваат на лоша иднина на СДСМ им порачувам: длабоко ќе се разочараат“, рече Филипче. (Фото: СДСМ)

    Пратеникот и поранешeн министер за здравство, неврохирургот Венко Филипче, е новиот претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).  Денеска СДСМ со гласање во сите општински организации спроведе внатрепартиски избори, на кои бил постигнат цензусот, односно од 23.000 пријавени членови за гласање, излегле 54 отсто. Филипче освоил 9.052 гласа, а ривалите Јован Деспотовски 2.705 и Александар Бајдевски 905 гласа. Славјанка Петровска вчера се повлече од трката.

    Филипче, кој беше министер во владата на Зоран Заев од декември 2017 до јануари 2022, вети дека ќе биде лидер што обединува, а не што дели, а главна преокупација ќе му биде ВМРО-ДПМНЕ и нејзините политики, односно СДСМ да биде силна опозиција на владејачката партија.

    „Сега е време за обнова на СДСМ и за многу работа. Нема време за славење. Следи период на реорганизација и реформа, согласно моите програмски ветувања, со кои сум сигурен дека СДСМ повторно ќе победува. Тоа нема да биде ниту брзо, ниту лесно. Но јас знам дека нема друг начин да ја вратиме довербата кај членовите, освен да направиме вистински и темелни промени. Промените не можеме ниту да ги лажираме, ниту да бидат половични. Тоа ќе го препознаат граѓаните и членовите на партијата и така нема да ја вратиме довербата“, кажа  Филипче по прогласувањето на победата.

    Тој вети дека силно ќе се спротивстави на оние кои сакаат да ја ослабнат партијата за сметка на личниот интерес. СДСМ, рече, ќе биде приземна, отворена и модерна партија подготвена за предизвиците кои следат.

    „Многумина сакаа да го видат СДСМ клекнат на колена. Веруваа дека партијата нема да опстане и се ситат на изборниот пораз. Ветувам дека ќе го вратиме достоинството на партијата, а на оние кои се надеваат на лоша иднина им порачувам: длабоко ќе се разочараат“, рече Филипче.

    По него, противкандидатот Јован Деспотовски го оспори легитимитетот на изборите, зашто како што кажа, 10-11.000 членови останале надвор од гласачкиот процес, односно биле вратени да не гласаат. Додаде дека со 9.000 гласа, не се станува лидер на СДСМ, иако му честиташе на  Филипче.

    „Се радувам за Венко, оти ми е другар, ама не се радувам за СДСМ, оти овој процес не е добар“, рече Деспотовски.

    Славјанка Петровска која вчера се повлече од трката поради нерегулрности во изборниот процес, вечерва по прогласувањето на Филипче за лидер реагираше со соопштение насловено „Се боревме против заробена држава, добивме заробена партија“.

    „Новиот претседател е избран со 11% од вкупниот број на членови на СДСМ, од 83.000 членови, ЗА гласале само 9.000. И со ова само се продолжува агонијата во која СДСМ почна да тоне од 2020та година наваму. Денес на многу членови на СДСМ не им беше овозможено да гласаат затоа што ги немаше на избирачкиот список, иако уредно се регистирале. Денес, 11.000 членови одбија да гласаат затоа што се спротиставија на начинот на кој беше водена кампањата, на фаворизирањето, на несанкционирањето на злоупотребата на лични податоци, на притисоците да се поддржи фаворитот, затоа што се чувствуваат навредено на избирачкиот список на СДСМ да се најдат со активисти на владејачки партии. Згора на се, Централната изборна комисија заборави дека јас ја повлеков кандидатурата, па ги броеле и тие гласови, многу професионално, зарем не. А и како прогласија претседател, а не ги почекаа приговорите? Еве доказ за диригираниот процес. Денес 11.000 демонстираа свој став. И тоа е повеќе од 9.000. А легитимитет не се добива со 9.000 гласа. Свесна сум дека оваа моја искреност некого ќе го повреди, но подобро некој да е повреден од мојата искреност, отколку партијата да се сведе на 50.000 гласови следната година“, рече Петровска во соопштението.

    Претходно, внатрепартиската изборна комисија кажа дека во Општината Студеничани било констатирано предвреме затворање на избирачкото место, поради што Централната изборна комисија одлучила да го поништи гласањето. Имало и прекин на гласањето во општина Гевгелија, поради скршена избирачка кутија, но кутијата била заменета и гласањето продолжило.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира