Грција ќе добие помош од 240 пожарникари од Бугарија, Малта, Молдавија и Романија, кои ќе бидат распоредени во земјата од почетокот на овој месец до средина на септември, откако премиерот Кирјакос Мицотакис предупреди дека ова лето би можело да има особено голема опасност од шумски пожари. Ова ќе биде трета година по ред странски пожарникари да бидат стационирани во Грција, која секое лето се бори со уништувачки пожари, во кои минатата година загинаа повеќе од 20 луѓе.
„Првиот странски тим, од Бугарија, веќе пристигна во земјата и е сместен во Солун, а вториот тим со 15 пожарникари од Малта ќе дојде во средината на месецов“, објави министерството за цивилна заштита.
Првите големи шумски пожари во Грција оваа сезона се забележани на егејските острови Кос и Киос, каде што биле евакуирани стотици луѓе од хотели и домови. Петмина луѓе се полесно повредени. Од понеделникот до вчеравечер, во Грција избувнале 36 пожари, но најголем дел од нив биле ставени под контрола во раната фаза, кажаа властите.
Зборувајќи на седницата на владата во понеделникот, премиерот Мицотакис кажа дека ова лето се очекува голема опасност од шумски пожари.
„Имавме многу тежок јуни поради топлото и суво време, но најтешките времиња во сезоната на пожари се пред нас“, изјави Мицотакис.