Ќе се прави комплетна ревизија на постапката за реконструкција на Универзална сала, најави новиот министер за култура Зоран Љутков. Додека заврши ревизијата, Министерството нема да одобри никакви активности на салата, што значи дека и понатаму ќе стои соголена и изгорена од пожарот.
„Целата постапка во однос на преземањето на Универзална сала на Министерството за култура од Град Скопје е доста проблематична и јас не би сакал да го ставам мојот потпис на ниту една потамошна акција која ќе се случува со салата. Испративме допис до Државниот завод за ревизија, да ја испита целата целата постапка од самиот почеток па досега и ќе донесеме заклучоци после таа ревизија“, рече министерот Љутков одговарајќи на новинарско прашање при посетата на локалитетот „Тумба Маџари“.
Универзална сала се запали на 9 април, само еден месец откако по пауза од две години продолжија градежните работи за реконструкција. Веднаш по пожарот, од градежната фирма „Универзал-Балкан“ рекоа дека најверојатно се запалил стар кабел или некоја стара инсталација.
Тогашната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска неколку дена по пожарот рече дека експерти од ИЗИИС и Градежен факултет ќе вршат испитувања на челичната конструкција за да се види дали е оштетена. Но, ИЗИИС и Градежен факултет не е се вклучени во испитувањата туку приватниот Институт за сеизмички отпорни градби и климатски промени на Михаил Гаревски.
Љутков кажа дека уште не се знае ниту што ќе биде со проектот Скопје- Европска престолнина на културата во 2028.
„Сè уште не сме започнале со тој процес, се прават консултации и до септември ќе ги имаме официјалните информации како ќе продолжи тој процес. И тој процес е закочен како што се закочени сите процеси последниве неколку години“, кажа Љутков.
А. АНТЕВСКА