„Боинг“ се согласи да се изјасни како виновен по обвинението за заговор за измама откако американските власти утврдиле дека компанијата го прекршила договорот за нејзино реформирање по двете несреќи на авионите „737 макс“ пред неколку години, во кои загинаа вкупно 346 патници и членови на екипажот. Министерството за правда кажа дека „Боинг“ се согласил да плати казна од 243,6 милиони долари.
Сепак, семејствата на жртвите на несреќите го критикуваа договорот, со кој компанијата ќе избегне целосна одговорност за смртните случаи. Изјаснувајќи се како виновен, „Боинг“ ќе се спаси од судење, за што се залагаа семејствата на загинатите.
Компанијата се наоѓа под голем притисок околу своите безбедносни стандарди по двете речиси идентични несреќи на авионите „737 макс“ во 2018 и 2019, по кои овие авиони беа приземјени речиси цела година.
Во 2021, обвинителите го обвинија „Боинг“ за една точка за заговор за измама на регулаторите, тврдејќи дека ја измамил Федералната управа за авијација за нејзиниот систем за контрола на летот, кој имаше врска со двете несреќи. Притоа беше договорено дека компанијата нема да оди на суд ако плати казна и успешно помине тригодишен период на засилен надзор.
Во јануари годинава, од авион на „Боинг“ отпадна дел од врата при полетувањето, што ги покрена прашањата колкав напредок бил постигнат во подобрувањето на безбедноста. Потоа во мај беше утврдено дека фирмата ги прекршила условите од договорот и се отвори можност за судење.