Градоначалниците на скопските општини велат дека се затрупани со ѓубре и ја повикуваат градоначалничката Данела Арсовска и „Комунална хигиена“ да си ја вршат работата за која се платени од граѓаните. Од јавното претпријатие кое е под надлежност на Градот и директорот го именува градоначалничката Арсовска, пак, велат дека тоа не е точно и дека секој ден се собира ѓубрето.
Вчера, градоначалникот на Општина Бутел Дарко Костовски кажа дека состојбата во општината е алармантна, бидејќи повеќе од десет дена екипите ЈП „Комунална Хигиена“ кои се под директна команда на Данела Арсовска се немаат појавено на поголемиот дел од територијата.
„Сликите се заштрашувачки, ваква неспособност на градските служби не е забележана никогаш во историјата. Додека не е доцна, апелирам слижбите на Комунална веднаш да излезат и да си ја завршат работата за која се платени од граѓаните. Доколку Данела не е способна да се справи со овие основни задачи на градот Скопје, веднаш нека ги префрли ингеренциите на општините за да не трпат граѓаните“, рече Кoстовски.
Градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, поднесе прекршочна пријава во износ од 1.500 евра против „Комунална хигиена“ поради ненавремено и нередовно собирање на отпадот во Општината, соопшти тој на Фејсбук.
„Постапувајќи по реакција на граѓани на Општина Кисела Вода, комуналниот инспектор на Општина Кисела Вода изврши увид на целата територија на Општината при што е констатирано дека давателот на услуги кој врши собирање комунален смет и безопасен отпад, спротивно на член 13 од Законот за комунални дејности, не го врши редовно собирањето на територија на Општина Кисела Вода за што е предвидена глоба согласно член 41 од Законот за комунални дејности. Од страна на комуналниот инспектор ќе биде издаден прекршочен платен налог во висина од 1.500 евра во денарска противвредност согласно член 41 став 1 алинеја 1 за правно лице од Законот за комунални дејности“, се вели во записникот од извршениот инспекциски надзор во Кисела Вода кој Ѓорѓиевски го објави на Фејсбук.
Општина Аеродром вчера објави слики од канти преполни со ѓубре и во соопштението наведe дека по пауза од две недели, од утре повторно ќе почне да го собира отпадот од кантите за домаќинства во Долно Лисиче.
„Ова следува по упатената реакција од страна на Општина Аеродром до јавното претпријатие од каде што нè известија дека ќе ја активираат механизацијата и од утре ќе излезат на терен“, рекоа од Општина Аеродром.
И градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу обвини дека на температури од 40 степени ѓубрето не се собира.
Од „Комунална хигиена“ вчера и денес испратија соопштение во кое како што велат ги демантираат изјавите на градоначалниците Костовски и Ганиу.
„На територијата на општините Бутел и Чаир, комуналниот отпад секојдневно се собира и транспортира без никаков застој, според динамиката утврдена со оперативната програма за собирање и транспортирање на комуналниот отпад од подрачјето на градот Скопје. Само во текот на месец јуни 2024 година, од подрачјето на општината Чаир се подигнати и транспортирани вкупно 1.500 тони комунален отпад. Во Бутел пак само во текот на изминатите десет дена се подигнати приближно 100 кубни метри отпад од повеќе диви депонии, лоцирани на булеварот Босна и Херцеговина, во близина на СУГС ‘Зеф Љуш Марку’ и кај социјалните згради, на улицата Радишанска. ЈП ‘Комунална хигиена‘ во никој случај не прави селекција според политичката определба на граѓаните, туку редовно и навремено ги спроведува своите активности подеднакво во сите скопски општини“, се вели во соопштението на „Комунална хигиена“.
Од претпријатиеот дека одредени граѓани намерно создаваат депонии.
„Апелираме до несовесните поединци да престане тенденциозното непрописно одлагање отпад на јавни површини со коешто масовно се соочуваме во текот на последните неколку месеци, а го повикуваме и градоначалниците да ги активираат на терен инспекциските служби на Општината коишто се надлежни и задолжени да го санкционираат секое прекршување на Законот за јавна чистота“, велат од „Комунална хигиена“.
А. АНТЕВСКА